Министерот за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа –Милевска денеска (пoнеделник, 14 ноември 2011 година) во рамките на еднодневната официјална посета на Кралството Шведска, за прв пат оствари билатерална средба со министерот за култура и спорт на Кралството Шведска, Лена Аделсон – Лијерот, а на која присуствуваше и Амбасадорот на Република Македонија во Шведска Кире Илиевски.
На средбата, двете министерки за култура разговараа за досегашната соработка во областа на културата, но и за идните активности преку кои Република Македонија и Кралството Шведска ќе ги интензивираат културните врски. Министерката Канческа-Милевска изнесе конкретни предлози за одржување на денови на Македонската култура во Шведска во 2012 година, за реализирање на изложба од постојаната поставка од музејот „Новел“ во Р.Македонија, а се разгледуваше можноста за отворање на македонски културен центар во Шведска.
Kaнческа-Милевска ја информираше шведската министерка за култура за позначајните активности на Министерството за култура на Република Македонија, во однос на капиталните инвестиции, како и за успешната меѓународна соработка, за што сведочат повеќето потпишани билатерални спогодби и програми за соработка во областа на културата.
На средбата двете министерки за култура зборуваа за можноста за иницирање на Програма за соработка помеѓу двете Министерства со која би се отворила можност за соработка меѓу институции и поединци од Република Македонија и Кралството Шведска.
Во таа насока, Канческа-Милевска ја истакна и одличната соработка која Министерството за култура ја има со Амбасадата на Кралството Шведска во Скопје.
Како дел од посетата на Кралството Шведска, министерката за култура Канческа-Милевска оствари неколку работни средби со директори на институции од областа на културата во оваа земја, а се сретна со директорот на Музејот „Нобел“, Олов Амелин, како и со генералниот директор на Уметничкиот совет на Шведска, Кенет Јохансон.