Канческа-Милевска во официјална посета на културните институции во Битола

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера во рамките на работната посета на Битола, оствари средба со директорите на националните установи од областа на културата во овој град, како и со градоначалникот на општина Битола, Владо Талески.

Канческа-Милевска ги посети Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, Центарот за култура, Народниот театар Битола, како и Музејот на албанската азбука.

Во изјавата за медиумите Канческа-Милевска ја нагласи важноста на соработката помеѓу централната и локалната власт за постигнување на поголем локален културен развој и се заблагодари на одличната комуникација која ја има Министерството за култура со општината Битола и со националните установи.

Министерката за култура го истакна своето задоволство од успешно реализираната година на битолските национални установи и најави дека следната година со Заводот и музеј Битола ќе бидат реставрирани три нови фасади со автентична архитектура, во Музејот на албанската азбука на денот на албанската азбука-22 ноември се очекува да биде промовирана музејската поставка во оваа нова национална установа, а ќе се продолжи со инвестициите и во Центарот за култура и Универзитетската библиотека. Канческа-Милевска ја поздрави и успешната година на Битолскиот театар кој реализираше осум премиери, од кои три се со сопствени средства.

Во врска со програмската политика во наредната 2012 година, Канческа-Милевска истакна дека ќе се настојува да се реализираат проекти од повеќе дејности за кои од буџетот ќе бидат издвоени повеќе финансиски средства.

Градоначалниот на општина Битола, Владо Талески пред присутните подвлече дека општината силно го поддржува локалниот културен развој и дека наскоро ќе пристапи кон реализација на проектот за реконструкција на киното „Балкан“ на браќата Манаки во Битола со што ќе се зачува еден препознатлив белег и значајно културно наследство на овој град.

Министерката за култура синоќа во Народниот театар во Битола присуствуваше и на премиерната изведба на претставата „Јане Задрогаз“ на текст на Горан Стефановски, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски, со што овој театар ја реализираше и последната, осма по ред, премиера за годинава.

You May Also Like