Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојува во еднодневна работна посета на Кардиф, Велс, каде што ќе има средба со велшкиот министер за култура и спорт Џон Грифитс.
На средбата ќе се разговара за продлабочување на соработката во областа на културата, а ќе бидат разменети мислења, искуства и знаења за културните политики во двете држави и нивното спроведување, соопшти Министерството за култура. Исто така, ќе бидат разгледани и можностите за континуирано унапредување на соработката во сите сфери од културата.
Канческа – Милевска за време на престојот во Кардиф ќе ги посети Националниот музеј на Велс, организацијата „Велс Арт интернационал“ и Велшкиот кралскиот колеџ за музика и драма, а ќе има и средби на кои ќе биде разгледана можноста за соработка и мобилност на уметниците од двете држави.
Република Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска имаат традиционално добри односи во областа на културата што е потврдено и преку реализацијата на значајни проекти кои придонесуваат за продлабочување на соработката меѓу двете земји, стои во соопштението Министерството за култура.