Денес министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска беше во посета на Домот за стари лица Милица во Кисела вода во кој престојува легендата на македонската музика, Вања Лазарова.
При посетата на Вања Лазарова во домот за стари лица, министрката Канческа-Милевска истакна дека ја поздравува граѓанската иницијатива, но дека сепак процедурата за доделување на национална пензија е друга и истата мора да се испочитува.
Иво Јанкоски од продукцијата Трето Уво рече дека во постапка е иницијативата за додекување на државната награда 11 Октомври која е предуслов да Лазарова добие национална пензија.

Вања Лазарова живее во Дом за стари лица во изминатиот период живее. Прилогот на новинарот на 24 Вести поттикна многумина да побараат Лазарова да не биде заборавена од институциите, на што Министерството за култура експресно одговори.
Во соопштението до медиумите по посетата на Вања Лазарова се вели:
“Министерството за култура високо го вреднува уметничкиот труд и големиот придонес на Вања Лазарова во развојот на македонската култура.

Вања Лазарова е уметник кој остави длабоки траги во нашата културна историја и во оваа смисла ја поздравуваме иницијативата за собирање на потписи за доделување на национална пензија. Потенцираме дека Владата на РМ и Министерството за култура настојуваат на секој можен начин да го вреднуваат трудот на уметниците кои дадоа и даваат свој придонес во градењето на македонската култура. Токму затоа, со измените на Законот за култура ги воведовме и националните пензии, а донесовме и Закон за доделување на титулата национален уметник на РМ.
Националната пензија се доделува на уметници и стручни работници од областа на заштитата на културното наследство кои се добитници на една од државните награди за долгогодишни остварувања во културата и уметноста ( наградите „11 Октомври“, „23 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“). Во овој контекст, сакаме да информираме дека Вања Лазарова може да се стекне со правото на национална пензија, доколку стане добитник на една од државните награди.

Иницијативата за добивање на државна награда до Министерството за култура ја доставуваат стручни и научни установи, правни лица и здруженија. На наше големо задоволство до Министерството за култура, благодарение на продуцентската куќа „Трето уво“ веќе е пристигната иницијатива за доделување на наградата „11 октомври“ за животно дело за Вања Лазарова. По оваа иницијатива ќе одлучува одбор за доделување на наградата именуван од Собранието на Република Македонија. Добивањето на наградата автоматски ќе значи и исполнување на законскиот услов за стекнување на право за национална пензија за Вања Лазарова.”
