КИЦ на Македонија во Софија на „Европска ноќ на литературата“

Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија со поддршка на Министерството за култура ќе биде дел од програмата на манифестацијата „Европска ноќ на литературата“, која почнува вечер во главниот град на Бугарија, во организација на Европската асоцијација на културни институции.

На манифестацијата, на која КИЦ на РМ по втор пат ќе биде дел од програмата, и која по осми пат се одржува во Европа, а трет пат во Софија, ќе учествуваат странски културни центри и институти што имаат свое седиште во тој град.

Македонска понуда за оваа голема европска литературна манифестација годинава е книгата „Раѓање на зборот“ од Ацо Шопов, што кон крајот на минатата година излезе во бугарско издание на книгоиздателството Авангард принт и во превод на Роман Кисјов. Со ова дело, КИЦ на Македонија минатата година се вклучи во чествувањето на 90 години од раѓањето на македонскиот книжевен класик. Стихови од Шопов на „Европската ноќ на литературата“, во Галеријата „Сезони“, каде ќе биде македонското претставување, ќе чита актерот Иван Калошев.

Освен во Софија, од 18 до 21 часот поезија ќе се чита уште во 8 други поголеми градови во Бугарија. Во „Ноќта на литературата“, поезија се чита на интересни, невообичаени места за презентација на поезија, т.н. „гнезда“, а посетителите кои ќе посетат најмногу такви поетски пунктови, учествуваат во наградната игра, веднаш по завршувањето на манифестацијата.

Втора година по ред во организацискиот одбор на оваа голема литературна манифестација член е директорот на КИЦ на Република Македонија во Софија, Васко Шутаров.

„Европска ноќ на литературата“ е заеднички проект на ЕУНИК-Европската асоцијација на културни институции, а во Бугарија во овој проект покрај КИЦ на Република Македонија, годинава активно се вклучени Канцеларијата на ЕУ во Софија, Гете Институтот, Британскиот совет, Францускиот културен центар, Полскиот институт, Рускиот културно-информативен центар, Португалскиот културен институт и Амбасадата на Австрија во Софија.

Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија утревечер ќе биде отворена ликовната изложба „Орнаментите на Атанас Атанасоски и Марина Лешкова“ во организација на Музејот на современата уметност од Скопје.

КИЦ на РМ во Софија е основан на 27 април 2005 година со одлука на Владата на Република Македонија, во согласност со Законот за надворешни работи и Спогодбата меѓу македонската и бугарската Влада. КИЦ на Република Македонија во Софија располага и со богат библиотечен фонд со над 4.000 наслови и има редовни посетители кои изнајмуваат книги, користат бесплатен интернет или добиваат рекламен туристички материјал со кој располага Центарот.

You May Also Like