„Канцелариски колумни“ e најновото прозно оставрување на Лилјана Пандева, кое што излезе од печат деновиве во издание на издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје.
Според издавачот, станува збор за свежа, современа и актуелна проза, која што пред читателот отвора голем број предизвици на работното времепространство низ призмата на прецизен набљудувач.
– Низ овие, условно наречени, колумни канцеларијата е претставена во универзални димензии. Како и во претходните така и во оваа нејзина најнова книга, до израз доаѓа препознатливата нарација на Лилјана Пандева, се наведува кон книгата.
Лилјана Пандева е родена 1964 година во Ново Село, Струмица. Магистер е по филолошки науки. Автор е на романите: „Од агендата на Калина Калин“ и „Возовите на Луцерн“, како и на драмолетите за деца „Новогодишни едночинки“.
„Канцелариски колумни“ е нејзино трето прозно остварување. Од ПНВ Публикации велат, се надеват дека и ова остварување на Пандева ќе го повтори успехот на нејзините два претходни романа кои што беа преведени на германски јазик и издадени во Австрија од издавачката куќа Висар.