Деби на македонскиот тенор Благој Нацоски во Бразил

По ланскиот деби настап во Уругвај, македонскиот тенор Благој Нацоски по втор пат се враќа на јужноамериканскиот континент овој пат во Бразил каде во недела на 13 април ќе настапи во најпрестижниот театар во Јужна Америка, Театро Мунисипал во Сао Паоло.

nacoski brazil

Се работи за претставата Фалстаф, инаку последната опера на Џузепе Верди напишана по Шекспировите книги „Веселите жени Винздорки“ и „Едвард Шести“, но во модернизирана режија.

Режисерот Давиде Ливермор операта ја „пренесе“ во 70-тите години од XX век во Лондон, каде Фентон (Благој Нацоски) и неговата љубовница Нанета (бразилката Лина Мендез) се во Панк стил. Во насловната улога ќе настапи Амброџо Маестри кој во моментов е најпознат Фалстав во светот и кој минатиот декември ја испеа јубилејната 200-та претстава во оваа улога во Метрополитен Операта во Њујорк. Аличе е Вирџиниjа Тола од Аргентина која редовно настапува со Пласидо Доминго, а диригент е Џон Нешлинг. По Сиетл, САД и Монтевидео, Уругвај за Нацоски ова е трета продукција на операта Фалстаф.

Nacoski Brazil 2

Новата година му започна доста успешно, со настапите во операта Геновева од Шуман во Националната Моравска Опера во Острава, Чешка каде доби овации од публиката и пофалби од критиката, по што веднаш доби нови понуди за две различни опери во Националната Опера во Прага следната сезона. По Бразил повторно се враќа во Острава каде го очекуваат две репризи со операта Геновева, а потоа ќе настапи на Мајските Оперски Вечери во македонско-италијанската копродукција во претставата Дон Џовани на 18 маj. Агендата на Нацоски е исполнета до крајот на 2014 година во која ќе настапи во Токио (Јапонија), Пиза, Џенова, Трст (Италија), Прага, Острава (Чешка), Монтевидео (Уругвај) и Бангкок (Тајланд).

municipal Sao paolo

You May Also Like