Интернационален детски фестивал „Тра ла ла“ на Хералкеа во Битола

Денес, (петок 19 август 2011 година) на програмата на БИТ ФЕСТ – Битола, ќе може да проследите:

„ТРА ЛА ЛА“ – 12 ти Интернационален детски фестивал

Петок 21:00 часот Антички театар Хераклеја

БИТ ФЕСТ уште еднаш покажува и докажува дека во својата програма содржи културни настани во кои својот интерес може да го пронајде целата популација, притоа не издвојувајќи посебни возрасни групи.  Ако во изминатите три дена адолесцентната и повозрасната публика ги преполнија Античкиот театар Хераклеја и Плоштадот Магнолија во Битола, покажувајќи огромен интерес и вистинско уживање на концертите на Фолтин и Љубојна, в петок од 21.00 часот во Античкиот театар Хераклеја најмладите и најмилите повторно добиваат можност да уживаат во програма наменета за нив.12 тото издание на

Интернационалниот детски фестивал ТРА ЛА ЛА како програмски дел чија целна група се пред се децата на БИТ ФЕСТ доаѓа по неодамна одржаниот интернационален детски театарски фестивал „Битолино“ кој беше поддржан од БИТ ФЕСТ, а во организација на детскиот театар ,„Петар Стојковски – Бабец“.

Дванаесеттиот Интернационален детски музички фестивал „Тра ла ла“ во петок во античкиот локалитет Хераклеја на едно место ќе собере 18 учесници од кои 8 се од Македонија, а 10 учесници доаѓаат од други земји: Италија, Босна, Хрватска, Словачка, Србија, Словенија, Бугарија.

Дванаесеттото издание на Тра ла ла според досегашната традиција ќе започне со благослов од митрополитот Преспанско – пелагониски  Господин Петар, а свечено ќе го отвори Градоначалникот на Општина Битола – Владимир Талески кој е и покровител на Битолското културно лето. Фестивалот ќе биде збогатен со огномет, светлосни ефекти и убава сцена.

Водители на фестивалот се: актерите при НУ Народен театар Битола: Габриела Петрушевска и Александра Цветковска (водител на англиски јазик).  Режисер на фестивалот е Јован Ристовски.

Од минатата година детескиот фестивал Тра ла ла ја зголемува својата едукативна функција определувајќи тема како насока во која ќе се движи фестивалот.  Минатогодишната тема беше „Космос“, a оваа година темата е  „Музика“ преку која се изразува образовната функција на фестивалот кој дава можност децата од најмала возраст да стекнат знаења за значењето на музиката, за етиологијата на зборот и за неговата примена.

Осумнаесетте песни кои се дел од програмата на Тра ла ла децата – учесници ги пеат во живо, а нивната успешност ќе ја оценува седумчлено меѓународно жири.

Во ревијалниот дел на фестивалот ќе настапат специјалните гости: Виктор Апостоловски и Магдалена Кочоска.

Интернационалниот детски фестивал Тра ла ла како програмски дел на БИТ ФЕСТ им дава можност на децата, (а со нив и возрасните) во овие жешки летни денови да уживаат во амфитеатарот Хераклеја, слушајќи убава детска музика, да се се релаксираат, а пред се од најмала возраст да стекнат навики за правилно насочување и искористување на своето слободно време – што пак ја изразува воспитната функција на овој музички фестивал.

You May Also Like