Во Прилеп утре ќе се одржи 14-от Меѓународен карневал „Прочка 2014“. Според организаторите – локалната самоуправа и здружението „Прилепски мечкари“, се е подготвено за главните карневалски свечености.
Низ центарот на Прилеп денеска дефилираа мажоретките, кловновите, пантомимичарите, жонглерите, а одекнуваа и зурлите и тапаните низ градските улици.
На булеварот „Гоце Делчев“ каде што ќе биде и централната бина, утре на Прочка од 13 часот ќе се одржи централното дефиле на маските и годинашните учесници.
– Ќе имаме поединечни и групни традиционални и современи маски. Пријавувањето на учесниците е речиси до последните моменти. Очекуваме стотина маски со околу 2.000 учесници. Според креативноста, маските се со големи естетски вредности и ги претставуваат прилепскиот и македонскиот културен идентитет, истакна Снежана Ристеска, советник за култура во локалната самоуправа.
Покрај гости од земјава, на карневалот се очекуваат и гости од Врњачка Бања, Нови Сад, Шабац, Перник и од Корча.
Низ улиците на Прилеп уште од изутрината се е раздвижено, и младите, според традицијата на Прочка, и старите се маскираат. Традиционално главни се мечкарите зад чии маски е касапскиот еснаф. Според Ванчо Георгиев, претседател на Здружението „Прилепски мечкари“, вековна е традицијата на касапите да се завиткуваат со кожи, да ставаат на лицето сурати.
– Колку се пострашни, толку се оригинални. И годинава ќе има оригинални маски. Некои од групите работеа и три месеци и не ги откриваат деталите за маските, истакна Георгиев.
За организаторите е недвосмислено дека градот ќе се покаже со добрата организација и како домаќин на сите гости што ќе бидат дел од карневалските свечености.
Од 13 часот е централното дефиле на маските. Традиционално, го предводат мажоретките, дувачкиот оркестар и мечкарите. По дефилето, попладнето, стручното жири ќе прогласи 15 најдобри поединечни, групни, традиционални и современи маски. И годинава на карневалот ќе биде избрана „Најмаската“ и ќе и биде доделена Гран при наградата.
Вчера во Центарот за култура „Марко Цепенков“ се одржа традиционалната изложба на маски на учениците од прилепските училишта. Беа изложени околу 1.000 маски и цртежи.
Во прилепските кафулиња и ресторани ќе се одржат карневалски забави, а угостителите, со одлука на општинскиот совет работат со продолжено работно време.