Во рамките на 33-тото издание на фестивалот „Браќа Манаки“,во соработка со ИМАГО, денеска (четврток, 20 септември) во Битола се одржа првата Конференција на кинематограферите од Балканот, на која учествуваа претставници од Грција, Бугарија, Србија, Словенија и Македонија, а со посебна покана на организаторот, учествуваа и претставници од Австрија.
Во поздравната реч до организаторите на Конференцијата, Иван Тонев, претставник на Бугарската асоцијација на кинематограферите и потпретседател на ИМАГО, кој истакна дека овој настан е можност да се создаде нешто ново и нешто добро во регионот, да се прошири неговото влијание во светот и да се покаже поголема отвореност и широкоградост.
Тонев се осврна и на реакциите кои сеуште се актуелни по прокецијата на Македонскиот филм „Трето полувреме“ на Дарко Митревски во Битола.
– Вчера кога со мојот автомобил од Софија возев кон Македонија, слушав на радио за некаква кавга заради некој македонски филм. Кога стигнав во Битола прашав многу луѓе за филмот, за што е таа голема кавга и секој тука ми рече дека филмот беше добар, имаше добра приказна и дека не е кавгата меѓу луѓето и дека тоа е само една добра приказна. Мислам дека политичарите во регионот малку ги искористуваат ваквите шанси за политичка кавга. Мислам дека ние со нашата уметност, уметноста на кинематографијата мора да ја подобриме оваа позиција и да ги убедиме дека ние сме обични луѓе во овој регион и дека политиката е нешто друго. Мислам дека кинематографијата треба да ги корегира политиките во овој регион и мислам дека тоа е можно, посочи Тонев и предизвика позитивни реакции од учесниците на Првата балканска конференција на кинематограферите.
Претставникот на Асоцијацијата на кинематографери од Грција, Јанис Даскалотанасос потенцираше дека и покрај економската криза во неговата држава сепак и понатаму се снимаат филмови и добро е директно да се соработува со соседите. – Треба да имаме почесто заеднички состаноци и заеднички како киематографери да дискутираме за нашите позиции во оваа ера, рече Даскалотанасос.
Конференцијата на кинематогарферите од Балканот се одржа под претседателство на Томи Салковски и Најџел Волтерс, а заклучоците од првиот собир се очекува да бидат патека за идни дејствувања во прилог на кинематограферите и нивната професија.