На овогодишните „Струшки вечери на поезијата“ ќе учествува еден од најафирмираните помлади индиски поети и голем пријател на македонската литература и култура,Сонет Мондал.
Сонет Мондал е автор на 6 (шест) поетски книги и на повеќе есеи објавени во индиската и светската книжевна периодика, а неговата поезија е преведена на десетина јазици и објавена е во над 180 (сто и осумдесет!) литературни и универзитетски списанија, како што се списанијата на Универзитетот Њукасл (Велика Британија), Универзитетот Арканзас, Универзитетот Висконсин, Универзитетот Хјустон, Државниот универзитет Јангстаун (САД), Стокхолмскиот универзитет (Шведска) итн.;
Како исклучително поетско достигнување на Сонет Мондал се издвојува неговата инвенција на фузиран сонет од 21 стих со посебна ритмичка и еуфониска композиција и тоа е одбележано во Индиската книга на особени достигнувања, а избрани сонети беа објавени во антологијата на светската поезија „Други гласови“ поддржана од УНЕСКО, како и во македонското списание „Стремеж“ препеани на македонски јазик од проф. д-р Зоран Анчевски;
Сонет Мондал има добиено неколку индиски и меѓународни награди и признанија, како „Поет лауреат“ на шведскиот издавач за млади автори „Бомбадил паблишинг“, меѓународната награда „Азсакра“ на ревијата „Таџ Махал“, признанието за врвни поетски достигнувања на Интернационалниот центар за поезија, превод и книжевни проучувања од Кина, а прогласен е и за почесен доктор на науки по книжевност од Обединетата писателска асоцијација од Ченај, Индија;
Главен уредник е на водечката индиска електронска книжевна ревија „Инчентин версис“ (The Enchanting Verses) што излегува на англиски јазик и има светска читателска публика, а во секој нов број е одвоен загарантиран простор за претставување на еден македонски поет со што се придонесува за поширока афирмација на нашата литература (до сега беа претставени: акад. Матеја Матевски, Весна Ацевска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Владимир Мартиновски, Маја Апостолоска, Тодор Чаловски, акад. Ристо Василевски и др.).