„Импулс“ ќе го отвори Танц-фест

Со претставата „Импулс“ на Скопје танцов театар утре (12 април) на големата сцена на Македонскиот народен театар ќе биде отворен 10.Танц-фест чие мото годинава е „Вкусот на танцот“.

10_godini_tanc_fest_2014

Одлучивме годинава да дадеме предност на македонската современа танцова сцена, рече денеска на прес-конференција уметничкиот директор на Танц-фест Рисима Рисимкин, која истакна дека јубилејното издание го почнуваат со македонска компанија, тоа е Скопје танцовиот театар.

– Со нетрпение ја очекувам реакцијата од публиката бидејќи по 10 години од формирањето на фестивалот ние успеавме да ја создадеме таа комплетна инфраструктура за современ танц, Академијата и Танц театарот кој има поддршка од Министерството за култура, посочи Рисимкин.

Нагласи дека на 12 април ќе се претстават пет кореографи меѓу кои тројца дебитанти, потоа Матеа Киселичка која минатата година дебитираше како кореограф и доби одлични критики и на крајот ќе финишираме со кореографијата на Џенис Бренар, специјална гостинка од Њујорк.

На 13 април во дансинг салата во МКЦ, Beatrix crew ќе ја изведат хип хоп претставата „Издигнување“, а на 14 април првпат во Македонија во дансинг салата во МКЦ ќе се одржи Меѓународен натпревар за млади кореографи.

– Размислувавме каде треба да се движи Фестивалот по 10 години и сметавме дека треба да се направи нешто со кое ќе се одбележи 10-годишнината и воедно ќе даде нови хоризонти за понатаму. Веќе на првата година имаме кореографи кои се пријавија од Европа и тоа ќе овозможи на тие кои ќе дојдат во Македонија, но и на македонскиот кадар да може да се натпреварува и да провери каде е со сето она што надвор се случува, рече Рисимкин.

Потенцира дека пет од избраните кореографи на натпреварот ќе продолжат на 15 април во големото финале каде ќе бидат доделени награди.

You May Also Like