Изложба „Траги и Ехо“ на Костадин Танчев – Динка вечерва во МКЦ

Вечерва (петок, 17. 05. 2013 година) со почеток во 20:30 часот, во МКЦ галеријата, ќе се одржи самостојната изложба на Костадин Танчев – Динка, насловена „Траги и Ехо“.


Изложбата има камерен облик (седумнаесет дела), насловот “Траги и Ехо“  не е случаен, ако се има в предвид долгогодишната графичка и дизајнерска работа на овој уметник, во која тој креираше цела низа серии од апликативни знаци за разни потреби во овој модерен семантизиран потрошувачки и рекламен свет.

Костадин Танчев Динка е роден 1940 година во Валандово. Дипломира на Академијата за применети уметности во Белград, 1967 година. Се занимавал со филмска анимација, театарска сценографија, графички дизајн, плакат, графика, сликарство… , а негова потесна специјалност се визуелните комуникации. Од 1984 до 2006 год., професор е на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Самостојни изложби приредил во Скопје, Валандово, Штип, Лондон, Цирих, Анкара, Софија, додека пак, групно, излагал на бројни изложби во Македонија, Париз, Келн, Нирнберг, Истанбул, Берлин, Австралија, САД, Загреб, Белград, Љубљана, Блед, Нови Сад, Осијек…

Добитник е на повеќе национални и меѓународни награди за уметност и дизајн и општествени награди и признанија.

Како шетач низ големата традиција, кинисувајќи од сликата и втасувајќи до писмото, изложбата на Танчев-Динка, без сомнение нè плени со неговиот искрен емотивен восхит кон другите, проткаен со шармот на неговиот хедонизам, со неговото  задоволство од творечката наслада.

You May Also Like