Утре (четврток 31 јануари) во 19:00 часот во Домот на АРМ, Друштвото на ликовни уметници на Македонија организира изложба во сеќавање на Никола Иванов – Балтон со наслов „Балтон и пријателите“.
Никола Иванов Балтон (1948-2012)
Биографија:
Роден во Штип. Завршил Уметничко училиште во Скопје, дипломирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 1984 година.
Остварил студиски патувања во Франција. Имал тринаесет самостојни изложби и голем број групни претставувања во земјата и странство (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Ерменија, Франција, САД). Бил учесник на многубројни уметнички колонии во земјата и странство (Турција, Бугарија, САД).
награди:
1970, Прва награда на млади сликари на град Скопје
1984, Откупна награда на ФАС 11 Октомври
1986, Откупна награда на МСУ Скопје, Аквизиции VI
1994, Награда за сликарство на ДЛУМ -„Лазар Личеноски“
2011, Награда за животно дело на ДЛУМ – „Нерешки мајстори“ -Цетиње, Црна Гора, признание на Ликовниот салон за најуспешно дело
Творештвото на Никола Иванов-Балтон, веќе неколку децении е присутно и доволно познато на македонската ликовна сцена и тоа, со одделни сегменти, укажува на некои текови на ликовната мисла кај нас во подрачјата на апстрактниот и асоцијативниот израз.
Целокупниот опус (дури и во областа на мозаикот, витражот и др.), треба да го следиме како продукт на една отворена, ведра, оптимистички настроена персонална природа која силно го ослушнува, го чувствува животот, сите негови битни вибрации и движења. Тој на лесен и непосреден начин сето тоа го приближува како негова автентична, внатрешно креативна нужност преку она со што тој располага – бојата, линијата, структурата, формата, фактурата…
Силната експресивна доживелица од поттици опсервирани и транспонирани во нивната суштинска конзистентност е нескротлив импулс за ефектна, во еден здив решена визуелна оформеност каде што во нејзината изворна форма се задржуваат треперењата на сликарскиот нерв со лирски жаришта. Неговото сликарство е многу вешто синхронизирано единство, спој на лесно и лежерно, знаечко искуство паралелно придружено и диктирано од екстрактните созвучја на сопствениот емоционално чувствителен креативен, динамичен и темпераментен склоп. Во експлозивните творби, во чудесна взаемна кохезивна врска, нераскинливо егзистираат и снажни, експресивни распрснувачки енергии на ликовното јадро, силна, незадржлива и фуриозно распламтена, возбудливо треперлива игра со милозвучни, суптилни и нежни лирско поетски призвуци .