Изложба „Смилков – цртежи и скулптури“ во МКЦ

Во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со Младинскиот културен центар од Скопје, во вторник 10 јуни 2014 година во галерискиот простор на МКЦ во 20:00 часот, ќе се отвори изложбата на Александар и Никола Смилков насловена „Смилков – цртежи и скулптури”.

smilkov_crtezi_skulpturi

Проектот е ликовна изложба на која ќе бидат претставени 22 скулптури и 15 цртежи. Делата кои ќе бидат претставени се дел од творештвото на академскиот вајар Александар Смилков (1944-1992), кој дипломирал на ликовната академија во Белград, во класата на Мича Поповиќ и дела на неговиот син Никола Смилков, вајар кој магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на Драган Попоски-Дада.
Делата на Александар Смилков се избор од неговото целокупно ликовно творештво. Во минатиот век тој активно работеше и излагаше во значајни ликовни институци низ поранешна Југославија и Европа, а остави и поголем број на монументални дела во градот во кој живееше, Штип.

Во неговите дела преовладува современ ликовен израз на претстава на апстрактни форми и фигурации, повеќето изработени во мермер со галериски формат.
Делата на Никола Смилков ќе бидат придружни скулптури на скулптурите на неговиот татко. Тој денес работи како професор на Факултетот за образовни науки и Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и е претставник на современото македонско вајарство. Неговите дела се од различен формат – од минијатури до монументални скуптури, а на изложбата ќе се претстави со скулптури изработени во мермер и бронза во галериски формат и минијатури.

Оваа ликовна изложба има за цел да го збогати македонското ликовно културно наследство, преку одбележување на неприкинатиот развој и негувањето на скулптурата во семејството Смилкови, а истовремено ќе претставува и омаж на делото на Александар Смилков.

Се надевам дека овој проект ќе наиде на голем интерес кај македонската и штипската јавност, особено поради фактот што, после смртта на Александар Смилков, ова ќе биде прва изложба на негови дела после 22 години.

You May Also Like