Изложба на Славчо Спировски во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, вечерва (вторник, 6 декември 2011 година), со почеток во 20:00 часот, ќе се отвори изложба на Славчо Спировски со наслов Пре/пакет/ирање Vx / V1 – (…).

Истражувањето на односот меѓу просторот и скулптурата како нераздвојни ентитети (просторот е дефинициски содржан во дефиницијата за скулптура) во континуитет ја карактеризира досегашна работа на Славчо Спировски. Во насока на истражување на просторот како место, средина, средство за одредување положба на артефактите, апстрактна математичка замисла…, авторот ги менува состојбите, функциите и значењата на објектите.

Аналитичен по својата природа, интересот на Славчо Спировски е насочен кон концептуалното восприемање на поимот скулптура. Тој е доследен на искуствата и афинитетите кон двојноста уметност/наука во контекст на аналитичко расчленување на содржинските и техничките елементи од кои е составена скулптурата (скици, макети, постамент, материјал, простор, волумен…), додека формалната пластична појавност и користењето конкретен материјал е на границата на губење на својата смисла. Конкретно, тој е интригиран од смислата и значењето на содржината на она што се дефинира под класичниот поим скулптура, како и различните нивоа на формирање, претставување и толкување на овој поим.

Најновата изложба на Славчо Спировски, насловена Пре/пакет/ирање Vx / V1 – (…), се состои од три различни просторни состојби што произлегуваат не само од “обработката“ на конкретниот материјал, туку и од предизвикот да се надминат недостатоците и ограничувањата на просторот. Притоа, тој секогаш остава повеќе можни исчитувања на споменатите состојби, било да станува збор за уривање/поништување на формата (но нејзина присутност), односот на светло и сенка, скицуозност, гравитирање кон под… Насловот на изложбата е насочен кон симболично именување на „производот/ скулптурите“ и одредува состојби на претпоставен непознат волумен (внатрешен простор, зафатнина на постојно тело итн.). Процесот на изведба го одредува процесот на препакување на кутиите, кои се веќе спакувани сами по себе и со кои се доаѓа до делата (преобликуваните картонски кутии).

Славчо Спировски инсистира на аналитички интерпретативни решенија или концепти на визуелни презентации што се базирани врз тавтолошкиот момент на доживувањето на скулптурата. Близок до аналитичката естетика, која со концептуални и семиотички модели ги опишува, објаснува и ги интерпретира естетиката, теоријата на уметноста, уметничката практика, авторот ги рефлектира своите замисли на отворен концепт и одредници што го дефинираат артефактот како уметничко дело изместувајќи ги составните делови и односите на елементите на ликовната градба. Можеме да констатираме дека станува збор за концептуални скулптури изведени со примена на математичка анализа на уметноста и правила и процеси на генерирање и трансформирање на визуелните и концептуалните структури, кои во крајна линија имаат скриен општествен контекст, односно реферираат на модел и процес преку кој рационално се изразени одделни аспекти на потрошувачкото општество, односот илузии-реалност, па дури и визуелна алегорија на деконструкција на појавноста.

You May Also Like