Денеска (недела, 13 јули) во 20:00 часот во Магазата во Битола ќе биде отворена изложба „Скалила кон бесконечноста“ на Славица Михаилова.
СЛАВИЦА МИХАИЛОВА e родена на 21.04.1977, Битола Р.Македонија
Дипломирала на Националната Ликовна Академија во Софија,Р.Бугарија во 2001година
„Идејата дека средновековното стилско решение претставува најубедлив ликовен израз на духовноста на православната црква ниту денес никој нема да се обиде да ја оспори- згора на сето тоа нововизантиските икони се почесто почнуваме да ги наоѓаме и во храмовите на останатите христијански деноминации.
Меѓутоа оваа тема, оживувањето на ваквиот стил во црковното сликарство, континуирано провоцира група на деликатни прашања: како и на која историска координата, во ризницата на средновековното наследство, треба да се започне? Кое сликарско изразување на оптимален начин може да го воведе тоа непроценливо богатство од оваа ризницата во црковниот живот? И покрај актуелната хиперпродукција на икони- или поточно токму заради неа- изгледа дека современите иконописци упорно се обидуваат да го одбегнат поставувањето на ваквите прашања, а уште поупорно одбегнуваат да преземат одговорност која го повлекува обидот истите прашања да се одговорат.
Но Славица Михаилова припаѓа токму на оној мал број на уметници кои не се плашат од таа одговорност. Стилот на палеолошката уметност во делата на оваа сликарка не е преземен со некритично копирање на средновековните примери или пак со копирање на нечија некритична копија на истите. Последната од големите византиски систематизации, во ова деликатно сликарство, не е сфатена како шаблон кој со својот историски авторитет по автоматизам го ослободува сликарот од секаков личен креативен ангажман. Едноставно оваа уметница добро знае дека соголениот историски материјал не е доволен да се создаде црковна уметност која ќе претставува автентичен израз на литургискиот живот, исто како што и со познавањето на речникот и граматиката на некој јазик не е доволно да се напише акатист, на пример.