Младински образовен форум (МОФ) и Радио МОФ го најавуваат третото издание на ENGAGE, конференција за друштвен активизам.
На 14ти јуни (сабота) 2014, во салата „Империјал“ во Македонска опера и балет – МОБ (Службен влез), домашни и странски активисти, уметници, новинари, креатори на онлајн иницијативи, блогери и ИТ експерти ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, активизам на јавни простори, активизам преку друштвени медиуми, уметност, слобода на изразување, истражување и креирање политики, јавна дебата и помагање на заедниците.
Преку ENGAGE, МОФ се стреми да го подигне нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како во сферата на друштвените медиуми така и во физичкиот простор.
Со 20 говорници, 14 презентации, 8 работилници, 300 гости во публика, обезбеден аудио и видео стриминг и follow up работилници за најпосветените учесници, ENGAGE ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобруваат општеството во кое живееме.
Презентациите на говорниците се распределени во неколку блока во периодот од 17:00 до 22:00 часот. Меѓу потврдените говорници и презентери на годинешниот ENGAGE се: Yaryana Grusha (Babylon 13, Украина), Тiiit! Inc., Владимир Милчин (режисер), Владимир Трајковиќ (ФИНКИ), Зоран Бојаровски (Сервис за проверка на факти), Бардул Марку (Иницијатива “Спас за Радика”), Трајче Јанужев (СТАР – СТАР), Бесфорт Идризи (LajTme), Милчо Вељановски, Златко Ориѓански (музичар и композитор), Петар Павлов (Creative Exchange).
Во рамките на конференцијата, ќе се одржат и осум работилници: Дарко Булдиоски (New Media MK), Оливера Трајковска (Вин-Вин), Дамјан Здравев (Реактор), Игор Тошевски (уметник и копирајтер), www.Letsfundit.mk и Танго Милонгеро Скопје.
Конференцијата ќе заврши со ENGAGE the NIGHT – музички, електронски, фанк и техно собир на летната сцена на МОБ (старо летно диско на МНТ). Ќе настапат Samoil Radinski, Goran Kan, Mirko Popov, Flooder и Vaso, а за визуелизациите на белите ѕидови на летното диско во МНТ ќе се погрижат Lazy Kidz Visualz.
Третото издание на ENGAGE нуди новина за оние кои не сакаат само да присуствуваат на еднодневната конференција, туку и да креираат и спроведат сопствена акција. ENGAGE GENERATOR ќе се одржи на 15ти јуни (недела) и нуди работилници со дел од говорниците на конференцијата за осмислување и организирање акции на 4 теми: jавна дебата; изразување на јавни простори; мултимедија и интернет и истражување и креирање на политики.
Регистрацијата е отворена до 12-ти јуни на engage.mof.mk, можност за учество на конференцијата ќе имаат првите 200 пријавени учесници. Радио МОФ ќе обезбеди и видео пренос на својата веб страна.