Во „Галерија 8“ во Безистен во Стара скопска чаршија денеска (четврток, 17 април) со почеток во 21:00 часот ќе биде отворена изложбата на Милан Андов насловена „T R A N S F E R E N C E – ПРЕНОС“. Организатор на изложбата е ДЛУМ.
Милан Андов е роден 1974 година во Скопје и е еден од истакнатите сликари од помладата генерација која истрајува во својата сликарска определба. Завршува средно уметничко училиште на отсек графика и го продолжува своето образование на Факултетот за ликовни уметности каде што студира графика и графички дизајн. Дипломира 2005 година во класата на Димче Николов и Димитар Малиданов. Се здобива со повеќе награди и признанија, меѓу кои е наградата за сликарство „Лазар Личеноски“ на ревијалната „Годишна изложба“ на ДЛУМ 2013 година.
Иако неговите професори се истакнати македонски графичари кои го негуваат апстрактниот ликовен јазик, Андов се определува за модерната фигурација. Работи во полето на сликарството користејќи ги акварелот, акрилот и маслото како техники на изразување преку кои ја пренесува на впечатлив начин својата преокупација со актот и човечкото тело, ставајќи акцент на човековиот лик.