Во петок, на 28 декември, со почеток од 19 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, ќе биде отворена редовната Годишна изложба на членовите на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК).
На ова издание на Годишната изложба учествуваат 26 членови на ДЛУК, кои ќе се претстават со комбиниран цртеж, а истата се совпаѓа со 35 години од основањето на Друштвото, едно од најстарите Ликовни здруженија во Македонија, од кое произлегоа дел од најдобрите и најпознатите македонски ликовни уметници, кои се веќе длабоко етаблирани во модерната македонска и светска ликовна сцена.
Со свои дела ќе се претстават Ристо Соколов Сокол, Глигор Стефанов, Димитар Самарџиев, Билјана Соколова, Елпида Хаџи – Василева, Ванчо Кеков, Александар Нетковски, Цветанка Темкова Илова, Гоце Давидов, Горан Боев, Горан Ѓорев, Ива Јосифова, Владимир Темков, Маја Ралева, Марија Дичова, Петар Наневски, Петар Петков, Игор Јосифов, Симона Манчева, Соња Самарџиева, Ристо Јосифовски, Стефанија Петровска, Томе Филов, Ружица Јосифовска, Трајче Јованов и Валентина Илијевска.
Како што се забележува, меѓу учесниците е првиот македонски претставник на Венецијанското ликовно биенале – Глигор Стефанов, но и следниот уметник кој на најпрестижното светско ликовно биенале ќе ја претставува нашата држава – Елпида Хаџи Василева, но и останати големи имиња кои веќе излагале во Париз, Њујорк, Бостон, Софија, Љубљана и други светски ликовни метрополи, како и низ сите еминентни македонски Галерии и музејски простори.
Годишната изложба на ДЛУК претставува извонредна прилика за кавадаречката и македонската ликовна јавност на едно место да види дел од новите правци по кој се движи уметноста на членовите на Друштвото и да се увери зошто кавадаречката ликовна сцена со години е една од најуспешните во Македонија.