ЕКСКЛУЗИВНО Кире Лазаров: Спортот ми е се во животот!

Вчера вечер во Свети Николе, имавме уникатна можност да направиме кратко интервју со ѕвездата и најдобриот стрелец на Европското првенство во Србија, Кире Лазаров. Актуелниот бомбардер на шпански Атлетико Мадрид во моментов владее со светскиот ракомет. Гордо ја носи титулата најдобар стрелец на сите времиња на европските и светските првенства.

Cooltura.mk: Кажи ни нешто повеќе за импресиите после европското првенство?

Кире: Импресиите ние сеуште ги чувствуваме и ќе треба недела-две одмор за да слегнат сите работи што ни се случуваа во изминатите четиринаесет дена и искрено горди сме на сето тоа. Горди сме сами на себе, горди сме на цела Македонија и на тоа како се сака и како се бори за својата држава па затоа и направивме многу затоа што се боревме максимално со сите европски гиганти.

Покажавме дека имаме најдобра публика во светот, а медаљата што ние ја заслуживме а не ја земавме, сигурно дека треба да ја земат нашите навивачи бидејќи тие беа за златна медаља. Сега треба да се одмориме добро бидејќи следуваат уште натпревари кои се многу важни за нас. Квалитет имаме и во тоа се уверивме, само треба добро да се спремиме организациски и да продолжиме на патот кој веќе го имаме почнато. Да се направи добра анализа и да видиме што ни фалеше, да научиме на грешките кои ги направивме во Србија и да продолжиме во иднина да играме на ова ниво.

Cooltura.mk: Кога веќе ги спомена навивачите и нивната подршка, дали очекуваш да ве бодрат дури и во Лондон како што беше желбата и на британскиот селектор?

Кире: Ние прво треба да си ја завршиме работата. Имаме квалификации за олимписки циклус. Сеуште е рано да се зборува за Лондон, но во едно сум сигурен, доколку се случи таа работа ние со сигурност ќе ги имаме и таму најдобрите навивачи, бидејќи колку и да е далеку нешто ако сакаш и посакуваш, тоа и ќе го оствариш. Ќе издвоиш средства и ќе направиш напори да дојдеш и да ја бодриш репрезентацијата. Ние тоа го правиме со срце заедно со навивачите, така да не би постоела ниту една пречка ни во Лондон и било каде да имаме најдобра навивачка публика во светот.

Cooltura.mk: Сега следува натпреварот со Австрија за квалификациите за Светско првенство. Колку за тебе Австријците се сериозен противник и тежок натпревар или очекуваш сигурна победа?

Кире: Секој противник е сериозен, а ние го респектираме без разлика дали се работи за Германија, Данска или било која репрезентација, ниту пак ги потценуваме. Не смееме да си дозволиме таква работа. По многу години изминати, за прв пат по 14 години се пласираме на ова големо натпреварување и затоа не смееме да си земеме за право да потцениме некој, но во никој случај и да прецениме. Направивме добар успех и бевме привилигирани во ждрепката и добивме селекција послабо рангирана од нас што и го посакувавме. Но сепак Австрија е сериозна селекција, ракометот и е во подем и во никој случај не треба да ги потцениме и да се олабавиме.

Не очекуваат два тешки натпревари и можеби сме малку во предност но пред се, најмногу зависи од нас како ќе се спремиме, како ќе ги изорганизираме работите. Имаме големи шанси но прерано е да се зборува. Само се надевам дека ќе бидеме живи и здрави, ќе немаме повредени играчи и со максимални сили ќе им се спротивставиме на Австријците.


Cooltura.mk: Бидејќи Свети Николе е твоето родно место, овде започна со ракометот, продолжувајќи во Велес, Битола за да дојдеш до оној успех да излезеш надвор од Македонија и да играш за веќе докажани клубови во Хрватска, Унгарија и сега во Шпанија. Кога за прв пат започна да играш ракомет и што е она што те натера да го одбереш токму ракометот?

Кире: Јас потекнувам од спортска фамилија и уште од моите најмали години, колку што се сеќавам уште од петто одделение почнав со ракометната игра гледајќи го мојот татко како игра. Ме носеше на скоро сите натпревари и многу многу рано почнав и јас по неговите стапки, па токму затоа и препорачувам до децата и младите дека што порано почнеш со спорт, толку подобро.

Јас започнав навреме и имав среќа да во текот на мојата кариера имам многу добри тренери од кои што имам научено многу добри и поучни работи, имав во тие најважни години и играчи од кои можев исто така многу научам и постојано да се усовршувам. Но пак ќе кажам потекнувам од спортска фамилија каде татко ми беше ракометар , а мајка ми гимнастичарка и најзаслужни се токму тие, моите родители.

Cooltura.mk: Кој е твојот рецепт за успех за да дојдеш до ова што си денес- успешен ракометар?

Кире: Макотрпна работа, верба во тоа што го работиш и максимална посветеност.

Cooltura.mk: Доколку не би бил ракометар, што е она што би го одбрал како твоја друга професија?

Кире: Дефинитивно ова е најтешкото прашање за мене. Втора опција немам, ниту сакам да имам. Мене спортот ми е се во животот, и покрај тоа што го заработувам својот леб и за својата фамилија, сепак јас го сакам ракометот и спортот од срце и максимално сум посветен на него.

Cooltura.mk: Што е она што те приврзува за градот и да доаѓаш овде и покрај тоа што живееш во Шпанија- држава која ти пружа многу повеќе поволности, напредок во твојата кариера и сл?

Кире: Тука се моите родители, моите најблиски пријатели, другари и секогаш кога имам слободно време го користам за да дојдам со мојата фамилија овде и искрено тука се чувствувам најубаво, најпријатно и исполнето.

 

Христина Панева

You May Also Like