Затворени изложбите на јубилејниот „Плакарт“

По повод јубилејното прославување на 5. години од формирањето на Плакарт – Здружението на графички дизајнери на Македонија и на Меѓународниот студентски конкурс за плакат беа планирани 5 настани. Во текот на овој месец декември беа организирани 4 настани, а настанот кој допрва ќе следи ќе биде непомалку атрактивен.


Македонската публика во изминатите десет дена имаше можност да погледне три изложби, кои беа официјално отворени на 14ти декември, петок, во Младинскиот културен центар: главната изложба на финалните 70 плакати од 5. Меѓународен студентски конкурс за плакат на тема ’Money for free’, која во наредната година ќе биде претставена во Атина, Прага, Варшава, Њу Јорк; изложбата на плакати кои учествуваа на конкурсот за најавен плакат на овогодинешните настани и првата самостојна изложба во Скопје на најнаградуваниот дизајнер во регионот, воедно и член на овогодинешното меѓународно жири Славимир Стојановиќ.

Оваа година изложбите беа свечено отворени од страна на основачот на Плакарт, Лазе Трипков и почесниот гостин, министерот за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа Милевска.

Жирито во состав проф. Сергиеј Серов, Славимир Стојановиќ, Рене Ванер имаше тешка задача, да избере 9 најдобри постери од 1835 апликации од 33 земји. Претседателот на жирито, проф. Сергиеј Серов, ги претстави победниците на овогодинешниот конкурс-еднаквонаградените дела на Настасија Котава од Белорусија, Игор Пивоварчик од Полска и Милад Агзахадех од Иран и почесните Марија Димитриевска, Салех Занганех, Иван Танус, Вероника Нестерук, Марио Естевез, Елиас Риедман. Тројцата студенти-победници ќе бидат гости на Плакарт во текот на 3. Скопската недела на дизајнот, која ќе се одржи во втората половина на 2013 година. На оваа манифестација, чиј коорганизатор е Плакарт, авторите на трите победнички плакати ќе имаат можност да се претстават со своја самостојна изложба. Патрон на наградите е Министерството за култура на Република Македонија.

Како секоја година, така и оваа, предавањата на членовите на жирито беа посетени од бројни љубителите на графичкиот дизајн. На 13ти декември, четврток, ден пред официјалното отворање на изложбите, на Универзитетот ФОН се одржа предавањето на проф. Сергеј Серов, претседателот на Московското биенале за графички дизајн “Златна пчела” и претседателот на овогодинешното  жири на тема „Руски графички дизајн“ во која тој ги претстави предизвиците со кој се соочувале руските дизајнери во текот на изминатите 50 години. Ден по отворањето на изложбите, на 15ти декември, сабота, во МКЦ своја презентација на тема „Од дизајн до уметност и назад“ имаше и Славимир Стојановиќ, опфаќајќи го во неа своето искуство од самите почетоци па до ден денес. Централна тема на неговата презентација беа постерите изработени за Скопскиот џес фестивал во текот на 90тите. Во Скопје гостуваше и Рене Ванер, иницијаторот на најреномираниот портал за информации поврзани со светски изложби, конкурси, збиднувања и манифестации од графичкиот дизајн.

И тоа не е крај на прославувањето на 5. години од формирањето на Плакарт и Скопјепостер. Следува последниот од 5те настани. Во почетокот на 2013 година ќе биде отворена изложбата на дела од Александар Родченко придружено од омаж на 20 современи руски графички дизајнери. Ова е прва поставка во регионот на дела од таткото на конструктивизмот. Истата ќе биде дел од светското прославување на 120. години од раѓањето на Александар Родченко, но она што е најбитно за македонската публика е тоа што на изложбата во Скопје нема да бидат изложени само плакати од современи руски автори, што е случај на другите изложби ширум светот, туку ќе бидат покажани и авторски дела на овој голем мајстор на пропагандата.

You May Also Like