На 7-от по ред фестивал Македонско културно лето 2014 што овој месец се одржа во Преспа, Албанија, прв пат беа доделени наградите aктер и aктерка на фестивалот.
Жирито во состав Јордан Витанов, претседател, Елеонора Стојан претставник од Македонската заедница во Албанија член, и Едмонд Сотир како претставник на фестивалот одлучија првите награди да ги добијат Жарко Димоски за улогта на Стар(т) во истоимената претстава и Марија Минчева за улогата на Лиза во претставата Градникот на Нора.
– По прв пат годинава доделивме и плакети – признанија за поддржувачите на фестивалот и македонската култура во Република Албанија, информира Сотир.
Признание за поддршка на македонскиот културен идентитет добија: Едмонд Темелко градоначалник на Општина Пустец, Јордан Витанов директор на театар „Ј. Х. К.-Џинот“ од Велес, и Славчо Чадиев градоначалник на Општина Велес.
Со истоименото признание се закитија и Елизабета Канческа Милевска министер за култура на Република Македонија, Ирина Димовска од Министерството за култура на Македонија, Коце Трајановски градоначалник на Град Скопје и Благојче Чупаркоски претставник од Кожувчанка д.о.о.
Овие признанија на носителите ќе им бидат врачени дополнително во матичните институции бидејќи од оправдани причини не можеа да присутствуват на доделувањето во Преспа Албанија, информира Едмонд Сотир.
Инаку, фестивалот, кој веќе е традиционален, беше отворен на 2 август со претставата „Ноќите во бел сатен“ на Братислав Димитров во режија на Ненад Витанов, а во изведба на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Како дел од програмата беше изведена и претставата „Ни ваму ни таму“, на Мони Дамевски и Лупчо Тодоровски Упа. На 4 август на програта прво беше изведена премиерата „Задргранична Македонска песна“ на Маја Каревски на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ од Скопје кое истата вечер изведе и уште една премиера претставата „Стар(т)“ на Димче Николовски, која е продукција на фестивалот и Субпродукција Скопје.
На финалето на фестивалот на 5 август беше изведена претставата „Градникот на Нора“ на Кристина Атанасовска во изведба на Штипскиот театар „Ацо Шопов“.