Изложба за Холокаустот во Битола

Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во соработка со НУ Завод и Музеј-Битола и локалната самоуправа, со изложба на тема „Нови сведоци на холокаустот“, го одбележаа денот од трагедијата и депортацијата на Евреите од овој град кои пред 71 година беа испратени во смртоносниот логор во Треблинка.

novi_svedoci_na_holokaustot_izlozba

Изложбата ја подготвија уметници од Македонија и странство кои твореа во Битола, a сликаа на теми посветени на Евреите и нивната трагедија и болка од 1943 година, посочи градоначалникот Владимир Талески, кој ја отвори изложбата.

– Се потсетуваме на денот, датумот, на драматичната и трагична ноќ кога од телото на Битола беа откинати 3.200 наши граѓани, наши жители, луѓе кои живееја во овој град и имаа свои семејства. Ако тоа не се случеше, денес нивните генерации ќе живееја заедно со нас. Но, за жал таа трагедија тешко ги подучува сите и сеуште се бориме да укажиме дека тоа е голема лекција не само за сите нас – луѓето современици што живееме во Република Македонија, туку и за многу понапредни и поразвиени цивилизации и земји кои што се дел и од Европската Унија, аспирирајќи кон нешто што не им дава за право како посилни да се наметнуваат над послабите или помалите народи. Вниманието што го даваме е добар пример да укажиме на идните генерации за еден трагичен настан кој не сакаме во никаква смисла да се повтори, истакна Талески.

За содржините на изложбата и за 11-ти март 1943 година кога бугарските вооружени сили и полицијата, сојузници на нацистичка Германија кои го депортираа еврејското население од целата територија на Македонија, во Битола говореше Горан Садикаријо, директор на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, Скопје.

– Македонските млади уметници со различно етничко и културно потекло ја создадоа својата уметност онака како што го гледаат холокаустот денес. Евреите од Битола, Штип и Скопје беа испратени во Треблинка, односно 7.144 Евреи или 98 насто од Евреите од Македонија го загубија својот живот, рече меѓудругото Садикаријо.

Изложбата „Нови сведоци на холокаустот“ во Битола ја проследија претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претставници на здруженија на граѓани и гости на градот.

You May Also Like