Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари работна средба со амбасадорот на Канада во Република Србија, Роман Вашчук, кој е надлежен и за Република Македонија.
На средбата стана збор околу предвиденото гостување на Големиот канадски балет од Монтреал кој на 8 април на сцената на Македонската опера и балет пред македонската публика ќе го претстави делото „Минус еден“.
Станува збор за прво претставување на реномираниот канадски балет во нашата земја, кој има интензивна меѓународна агенда со гостување на балетски претстави и во регионов. Директор на овој врвен ансамбл е истакнатиот балетски уметник со потекло од Република Македонија, Градимир Панков, кој има остварено импресивна меѓународна кариера и соработка со најпознатите имиња од светските и европските танцови компании.
На средбата беше констатирано дека гостувањето на овој реномиран балет во Република Македонија значително ќе придонесе за унапредување на културните врски меѓу двете земји. Вашчук и Канческа-Милевска разговараа и за можноста за продлабочување на соработката во областа на културата меѓу Канада и Република Македонија, како и за реализација на копродукциски проекти меѓу институциите од областа на културата во двете земји.