Во новиот број на реномираното бугарско списание „Литературен свет“ се објавени избрани песни и био-библиографија на македонскиот поет Јовица Тасевски-Етернијан.
Изборот и препевот на песните го направи познатиот бугарски поет и преведувач Роман Кисјов.
Во Бугарија претходно беше објавена и книга со избрани песни од Јовица Тасевски-Етернијан, насловена „Синтаксис на светлината“, во препев на еминентниот бугарски поет Петар Караангов, добитник на наградата „Книжевен жезол“ и на „Почесното Рациново признание“.
Јовица Тасевски-Етернијан е автор на шест поетски книги. Неговата поезија е преведена на петнаесетина јазици и објавена е во списанија и антологии во над дваесет држави. Го има добиено меѓународното признание „Восхитувачки поет“ што се доделува во Индија за исклучителни достигнувања во поезијата.