Синоќа, со почеток во 19 часот по канадско време во Air Canada Centre се одигра натпреварот помеѓу екипите на Toronto Raptors и Atlanta Hawks, при што во Торoнто пристигна доскорешниот капитен на македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ.
Првиот македонец во НБА лигата Перо Антиќ уште при пристигнувањето во Канада беше пречекан од претставници на македонската заедница кои му посакаа пријатен престој, информирајќи го дека на овој натпревар за прв пат ќе навиваат за тимот кој гостува во Торонто.
И покрај тоа што Перо Антиќ поради повреда не настапи на мечот, неговото присуство во Air Canada Centre беше доволна причина повеќе од 600 Mакедонци организирани од здружението Македонска нација, со македонски национални одбележја да присуствуваат на трибините и со гордост да навиваат за Перо Антиќ и Република Македонија.
При пристигнувањето во Торонто Перо Антиќ оствари средба со Генералниот конзул на Република Македонија во Торонто Драган Ѓурчевски кој му пренесе искрени поздрави во името на македонската заедница во Канада и му посака побрзо заздравување и продолжување на одличната промоција што лично Перо Антиќ ја прави во САД, Канада и остатокот на светот.