Во нашиот град живеат многу убави птици, кои се поретко ги гледаме во нашето забрзано секојдневие. Освен слатките врапчиња (чија бројка е сериозно намалена во последните години), во градот уште презимуваат и Синоглава сипка (Parus caeruleus – народно позната како Цинцигар, Плава сеница), Големата сеница (Parus major), некои сојки, гулаби, кукавици и др.
На сите нив, можеме лесно да им помогнеме во преживување на овие студени температури, со тоа што ќе им направиме хранилки. Тие во текот на зимата се еден од основните извори на храна за птиците. Токму преку хранилките децата ќе имаат можност да го запознаат семејството на птици кои ја поминуваат зимата во нашата држава.
Изработката на хранилка за птици е проект на секое семејство во Македонија. Забавен и корисен начин, да го искористиме слободното време за зимскиот распуст, а птичките ќе ни бидат благодарни со тоа што ќе пеат специјално за нас.
Ги повикуваме сите љубители на природата и животните, да изработат и постават хранилки за птици, на своите балкони, во својот двор, пред својата зграда, во паркот… и редовно да ги полнат со семки. Семките треба да бидат живи и несолени. Сончогледот е една од најдобрите храни за птиците, поради својата висока енергетска вредност, од која птиците имаат потреба за да го одржат својот живот. Се во нашиот екосистем е поврзано и хармонично.
Птиците се прочистувачи на природата. Од нивните животи зависиме и ние луѓето. Еден прост пример за тоа се дрвјата, чии листови ако ги нема птиците ќе бидат изедени предвреме од гасениците и други штетници…
Да не дозволиме Скопје и другите поголеми градови, да бидат слични како Лондон и Париз, каде домашното врапче речиси исчезнало. Природата во Македонија е раскошна и од нас зависи каква ќе биде и во иднина.
Подготвил: Л. Ѓ.