Денес Зоо Скопје го отвори долго најавуваниот терариум. Тој беше пуштен во употреба утринава, а е изграден со помош на општина Аеродром и ЈП Македонски шуми.
Новиот објект има капацитет за 15 животински видови. Засега има изложено одредени видови, но следната задача на Зоолошката ќе биде замена на овие со нови –поинтересни видови на влекачи.
Градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски изрази задоволство што општината учествува во обновата на Зоо Скопје.
-Задоволство ни е што учествуваме во реновирањето, бидејќи Скопје има само една зоолошка градина. Сите ние кои припаѓаме на градот Скопје треба да се вклучиме во нејзината обнова со цел нашите дечиња да можат да уживаат во нејзината убавина. Ние ќе продолжиме да помагаме во обновувањето и се надева дека во наредниот период ќе имаме најубава зоолошка на Балканот, рече Коневски.
Директорката Татјана Стаменов, смета дека ова е нај интересниот објект во Зоолошката градина.
– Во терариумот има мало царство на рептили и други видови животни. Тој е интересно внатрешно уреден и ги поканувам сите утре за „Белата ноќ“ кога влезот е бесплатен. Има 15 видови рептили, а се размислува подоцна и дел од нив да бидат заменети со поинтересни, изјави Стаменов.
На свеченоста присуствуваа и деца и ученици од градинките и основните училишта во општина Аеродром, кои по свеченото отворање го посетија објектот.