Започнува „Фрик фестивал“

Започнува четвртото издание на „Фрик фестивал“ кој ќе се одржи денес и утре (вторник-среда, 25 и 26.12.2012) во Кинотека на Македонија и Кино Фросина во Скопје.

Во рамките на ова издание својата светска премиера ќа ја има долгометражниот документарен филм „Метрополис“ (САД) во Кинотека на Македонија вечерва (вторник, 25.12.2012) со почеток во 20:00 часот. Вечерта ќе биде придружена со интернационална селекција на видеоарт и експериментален филм во галеријата на кинотеката.

„Метрополис“ е филм што или ќе ја промени вашата замисла за урбаната реалност, или ќе ве потсети на итноста, со која мора да донесеме конечен избор: да продолжиме по оваа патека или засекогаш да ја напуштиме. Филмот е во продукција  на Free Space Project и ги анализира превозниот систем, водоводната мрежа, увозот на храна и електричната мрежа. Го открива внатрешното функционирање на четирите главни корпорации, детално ја образложува хиерархијата на државата и, воедно, го истражува секојдневниот контакт меѓу луѓето, кој се случува низ улиците на градот.

Филмската програма на фестивалот е поддржана од министерството за култура на Република Македонија.

Следниот ден, (среда 26.12.2012) во Кино Фросина со почеток од 20:00 часот гостува извонредната претстава: „Кабаре: Зад огледалото“ во продукција на „Рекс“ центарот и „Слобода права“ од Белград, Србија по што ќе следи музички настап на Славјан стварно Стојанов.

„Кабаре: Зад огледалото“ е иницијатива родена во зимата 2011 година, и е уникатна е по тоа што не ја дефинира формата или медиумот, по тоа што ги поврзува уметниците и сексуалните работници во опишувањето на социјалните, политичките и правните рамки, кои влијаат на општествениот статус и на животот на оваа маргинализирана група и по тоа што бара од јавноста да се вклучи во поширока расправа за прашањата поврзани со човековите права.

Гостувањето на претставата е поддржано од фондацијата Отворено општество – Македонија.

You May Also Like