Детскиот културен центар “Карпош“, годинава по 21 пат, го организира и реализира најмасовниот и најстариот Меѓународен детски фолклорен фестивал „Оро без граници“. Фестивалот започнува денеска (петок, 28 септември, 2012 година), а ќе трае до 01.10.2012 година (понеделник).
Според фестивалската програма, денеска (петок), во 17:30 часот е предвидена фолклорна литургија во црквата Св. Климент Охридски. Во 18 часот на платото пред црквата Св.Климент, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски ќе го прогласи за отворен фестивалот, а потоа во 19 часот од пред црквата ќе појде ФОЛКОРНОТО ДЕФИЛЕ, што ќе се движи во правец на ул. “Македонија”. Фолклорното дефиле ќе продолжи да се движи кон Камениот мост во Скопје, ќе помине под Порта “Македонија“ и потоа полукружно кон Камени мост, каде што во 19:30 часот ќе почне Фестивалскиот концерт.
Гости оваа година се групи од: Полска,Србија,Украина,Хрватска,Словачка и од 10 домашни ансамбли. Во досегашново дваесетгодишно одржување на фестивалот градот Скопје и Македонија биле домаќини на повеќе илјади странски и исто толку домашни деца-фолклорци. Покровители на фестивалот се Град Скопје и Министерство за култура.