Вчера (четврток, 27 септември, 2012 година) официјално започна „Денови на македонскиот мед 2012“. И оваа година општина Центар по 7-ми пат е покровител на манифестацијата што се одржува на улица Македонија, а се организира во соработка со Пчеларско здружение „Матица“.
Официјално, годинешниот настан се отвори со пригодна програма пред спомен куќата на „Мајка Тереза“, каде што пред присутните се обратија Павле Бошковски Претседател на ПЗ „Матица“ и Градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ. Годинава на улица Македонија, на 35 штандови изложуваат пчелари од цела Македонија, и на посетителите им се презентирани сите можни пчелни производи: мед, матичен млеч, полен и прополис.
Манифестацијата, која што е од изложбено-продажен карактер претставува особено доживување за граѓаните, бидејќи опфаќа запознавање со органското пчеларење преку директен контакт со пчеларите, дегустација на пчелни производи од разни штандови. Официјалното отворање беше збогатено и со музичко-сценска програма во која зедоа учество деца од трите градинки од Општина Центар.
Исто така, на отварањето беа претставени и наградени трите најдобри цртежи на тема: „Медот дар од природата“, изработени од децата од градинките. Веќе следната недела, веднаш по завршувањето на манифестацијата за децата од трите градинки: „13 Ноември“, „Кочо Рацин“ и „Р. Ј. Корчагин“ ќе се изврши презентација во рамки на едукативни работилници од пчелари (предавачи) од Пчеларското Здружение „Матица“ за корисните својства и благодетите од користењето на медот.
Впрочем, како и минатите години, манифестацијата „Денови на македонскиот мед“ ќе добие и хуманитарен карактер, бидејќи ќе биде посетена и од децата од „Дневниот центар за деца со церебрална парализа“-Скопје на кои што организаторите ќе им подарат мед и пчелни прозиводи. За времетраењето на „Денови на македонскиот мед“, сите посетители ќе можат да дегустираат мед од сите штандови.