Графичарката Ирена Којкова Пејович од Гевгелија, овој месец учествува на три групни изложби во САД: „Ритам и Движење“ и „Mad Hot Young“ во Њу Џерси и Годишната изложба на Box Heart Gallery во Питсбург.
На 12 мај во галеријата „Лана Санторели“ во Њу Џерси, Којкова Пејович се претстави со 4 графики: две од циклусот „Во стапица”, една графика од циклусот „Будeње“ и една соларна акватинта од најновата серија на графики „Kоре“. Изложбата ќе биде отворена до 24 јуни.
Следните две излагања на нашата уметница се на изложбата „Mad Hot Young“ организирана од Графичкиот Центар на Њу Џерси (18 – 24 мај) и на Годишната изложба на Box Heart Gallery во Питсбург закажана за 28 мај.
Ирена Којкова Пејович е родена во 1981 година во Гевгелија. Образованието го стекнала на отсекот за применета Графика во Средното училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“ во Скопје, а потоа и на Државниот Универзитет во Монтклер, САД каде што дипломира графика во 2003 година. Живее и работи Њу Џерси и е член на тамошниот Центар за графика, како и на Lower East Side Print Shop и графичкиoт центар во Њујорк.