Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје, денеска (2 април, среда) со почеток во 11:00 часот организира Книжевно пладне – средба со писателката за деца Бистрица Миркуловска, кое ќе се одржи во Библиотека „Илинден“ , во Домот на културата во населбата Илинден.
Овој настан е дел од Кампања за популаризација на македонската детска литература – „20 Причини да избереш книга и читање“, организирана од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во соработка со Министерството за култура.
За делото на Бистрица Миркуловска ќе говори Тамара Арсовска, а стихови од нејзиното творештво ќе интрепретира артистот Томе Витанов.
Бистрица Миркуловска е поет, раскажувач, писател за деца и преведувач. Родена е на 14 март 1930 година. Работела како наставник во ОУ „Браќа Миладиновци“ и како професор по словеначки јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Добитник е на повеќе награди од областа на литературата и на наградата за животно дело на Здружението на просветните работници – литретурни творци на Македонија. Автор е на книгите „Цвеќенца“, „Градинче“, „Првачиња“, „Празнични виделини“, „Виножито“, „Сите деца мили“, „Ѕвездана“, „Виделина“, „Клучарчиња“, „Прекршен лет“, „Кога костените цутеа“, „Тополите на крајот од дедовата ливада“, „Навева снег“ и „Скаменет крик“.
Гости на настанот ќе бидат учениците од основните училишта во населбата Илинден. Тие ќе развијат дискусија со авторот за инспирацијата да пишува литература за деца, начинот на создавање на главните ликови и нивниот карактер и ќе побараат совет и насоки како тие да го реализираат својот талент за пишување.
Учениците и писателката ќе дефинираат 20 причини да избереш книга и читање, како насока во одбирањето на вистинскиот пат на една здрава млада личност.
Кампањата за популаризација на читањето започна од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и континуирано се организира во централните библиотеки „Другарче“, „Страшо Пинџур“ и „Цветан Димов“ и 14-те библиотечни клонови на територијата на град Скопје и во неа се вклучени основните училишта од Градот.