Фестивалот „Битола отворен град“ започнува денеска и ќе трае до 28 јуни.
На повеќе локации во градот се предвидени концерти на групи од земјата и странство, отворени улични журки, изложби, перформанси, како и традиционалниот голем музички хепенинг овој пат со спектакуларен настап на “NEGATIVE” од Србија, при што атмосферата ќе ја загрее атрактивната Ивана Петерс.
“NEGATIVE” од Србија за прв пат доаѓаат во Битола. Оваа енергична балканска рок атракција ќе приреди голема журка под отворено небо на Широк сокак во рамките на Интернационалниот фестивал “Битола Отворен Град 2014”. Како претходница во рамките на големиот музички хепенинг ќе настапат српскиот ска-реге-џез-панк состав “ZAA” и реге-хард кор бендот “CONQUERING LION” од Тетово.
Во кафе-бар „Инстинкт“ ќе биде отворена меѓународната дигитална изложба на тема “ГРАД” при што ќе бидат презентирани најдобрите пристигнати дела во рамките на Интернационалната Инстаграм галерија. Се работи за 100 фотографии од 50 „отворени“ градови од цел свет, при што покрај Битола тука се и фотографии од Њујорк, Лондон, Дубаи, Краков, Берлин, Истанбул и многу други.
И оваа година фестивалот остава простор за промоција на моментално најатрактивниот и најекспонираниот македонски бенд Conquering Lion. Бендот e формиран во 2007. Во април 2014 бендот ја започна својата Европска турнеја за промоција на новиот албум “Revelation”.
Третиот бенд кој ќе се качи на главната сцена во Битола е ZАА. Српскиот бенд презентира музика со ска корени и влијание на џез и панк и е моментално најпродуктивниот бенд во регионот. Во 2013 на својата турнеја реализираа 55 концерти. На Европскиот реге натпревар во 2013 се пласираа во првите три бенда.
Фестивалот е во рамките на Битфест 2014 и е поддржан од ONE и Градоначалникот на општина Битола.