Со концерт на македонските реномирани уметници Ана и Игор Дурловски во Големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ во срцето на Москва, вчера започна манифестацијата „Денови на македонската култура во Руската Федерација“ која од 15-18 октомври ќе се одржи во Москва и Санкт Петербург.
Пред многубројната публика се обрати министерот за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска која го истакна задоволството од досегашната културна соработка меѓу двете земји.
„Вечерва ги отвораме Деновите на македонската култура во Руската Федерација , кои, по Деновите на Руската духовна култура во нашата земја , зборуваат за континуитетот и желбата, заеднички да ги надминеме границите на сопствениот културен простор“ истакна Канческа Милевска.
Во салата „Чајковски“ со воодушевување и голем аплауз настапот на македонските уметници беше поздравен од видни личности од политичкиот и културниот живот на Русија, дипломати од странски земји, познати личности и многу други љубители на уметноста. На видни места низ Москва може да се види плакатот кој ги најавува деновите на македонската култура. Оперскиот пејач Благој Нацоски заради болест не настапи на концертот во Москва.
По Москва деновите на македонската култура продолжуваат во Санкт Петербург со изложба на дела од ликовниот уметник Владимир Георгиевски во Литературно меморијалниот музеј на Достојевски на чие отворање ќе се обрати заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ.
Воедно публиката во Санкт Петербург ќе има можност да ги види снимките на првите сниматели на Балканот, браќата Милтон и Јанаки Манаки, а организирана е и ревија на македонски филмови од Кинотеката на Македонија.
Во театарот „Вера Фјодоровна Комерсажевскаја“ исто така ќе биде изведена театарската претстава „Опасни врски“ на Битолскиот театар.