Отварањето на 52-рите Денови на Македонската Фотографија е закажано за денеска (5 Јули 2014, сабота) со почеток во 20:00 часот, во просториите на Мултимедијалниот центар „Мала Станица“.
Деновите на Македонската Фотографија претставуваат пресек на македонското фотографско творештво во изминатата година. Поставката брои стотина фотографии, а ќе бидат доделени и серија награди и дипломи за најуспешните трудови и автори, како и специјалната награда „Благој Дрнков“.
Овогодинешните добитници на наградите се:
Прва награда за фотографија – Трајче Атанасовски од ФК Елема,Скопје, за фотографијата – Hard to explain, втора награда за фотографија – Филип Филиповиќ од ФК Кастрон, Охрид, за фотографијата – Aurora и трета награда за фотографија – Димитар Чунговски од ФКК Битола, за – Вселенско летало. Дипломи за фотографија ќе се доделат на Марија Јовановска, Сашо Н. Алушевски и Филип Илиевски.
Првата награда за колекција ја доби Божидар Барлакоски од ФКК Прилеп за фотографиите – Grand meister, Најдобри другари и Шармер. Втора награда за колекција – Владимир Арсовски од ФК Елема, Скопје, за колекцијата – Flamenco dancer. Трета награда за колекција – Еџе Али за колекцијата – Надвор од времето. Дипломи за колекција ќе добијат – Дејан Колевски и Филип Филиповиќ.
Специјалната награда „Благој Дрнков“ ќе и биде доделена на Татјана Ранташа, ФК Елема, Скопје за фотографијата – Носии 1.
Во категоријата Младинска фотографија првата награда ја доби Мики Николоски од ФКК Прилеп за – Дете 2, додека дипломи ќе бидат доделени на: Ана Андонова и Ханис Багашов.
Деновите на Македонската Фотографија се одржуваат во рамки на манифестацијата „Скопско лето“ 2014, а ќе бидат пропратени и со уште две изложби.
Современа бугарска фотографија, која ќе се отвори на 16.07.2014, во 20:00 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Поставката е составена од 50 фотографии на современи бугарски автори, настанати во периодот од 2000-та година па до денес. Оваа фото-колекција претставува стилски хетерогени и тематски различни пристапи и авторски концепти, со јасен печат на авторство во секое дело. Kуратор на оваа изложба е познатиот бугарски фотограф, Јавор Попов, претседател на здружението “Фотографска Академија“ од чија архива (преку 7000 фотографии) е оформена оваа колекција.
Самостојна изложба на Драги Неделчевски (Ф1 ФСМ) на 18.07.2014 во 20:00 часот во Ликовниот салон на Тутунска банка.
Изложбата е со наслов: „ФОТОГРАФИ(И)“. Taa се состои од 40 црно-бели фотографии – портрети од фотографи кои авторот ги фотографирал додека тие го фотографирале него. Фотографиите (со мали исклучоци) се направени последниве 4 години (2010 – 2014). Во време на разни его трипови, за оваа изложба, на прв поглед, може да се помисли дека е уште еден „его трип“, овојпат на авторот Драги Неделчевски. Фотограф ги фотографира своите колеги, додека тие го фотографираат него. Но, под маската на уште една егоцентрична ескапада можеби се крие материјал за идните истражувачи на феноменот на фотографијата. Кои биле фотографите (познати или не на авторот) кои се фотографирани? Со какви фотоапарати, (техника), се фотографирало? Каков е односот на фотографите кон чинот на фотографирањето? Ова се нешта кои често не се забележуваат. Најмногу затоа што фотографот најчето е скриен и се гледа само фотографијата што тој ја снимил. Ова е можност да го видиме фотографот во главна улога. И можност да се видат 40 портрети кои ги поврзува едно нешто: моментот и чинот на фотографирањето.