Културно-уметничкото друштво „Глигор Прличев“ синоќа (вторник, 26 јуни) го одржа првиот концерт предвиден по програмата на Културното лето 2012 во општина Ѓорче Петров. Оваа манифестација се одржува седми пат.
Културните настани традиционално ќе се одржуваат во Реонскиот парк. На летната сцена во паркот ќе продефилираат голем број наши познати имиња од македонската поп и фолк естрада, повеќе културно-уметнички друштва од земјава и од странство, познати актери, а ќе се изведат театарски претстави на отворена сцена, концерти на сериозна музика, рап вечери…
По барање на граѓаните, вечер (среда, 27 јуни) во 20:00 часот, на летната сцена ќе се репризира детскиот фестивал „Соната“. Ќе бидат изведени сите 14 песни чии автори и изведувачи се ученици од основните училишта во општината.
В петок (29 јуни) ќе се одржи хуманитарен концерт на кој ќе учествуваат голем број наши познати естрадни имиња, а средствата ќе бидат наменети за обновување на неодамна опожарената куќа на семејството Димовски. Концертот ќе почне во 19 часот, а ќе биде одржан на летната сцена во Реонскиот парк.