Започна гурманскиот викенд „Пиволенд 2012“

Синоќа (среда, 29 август 2012), во организација на Градот Скопје и Здружението на граѓани за развој на културниот туризам – Пиволенд од Скопје, на паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, официјално стартуваше петтото издание на Гурманскиот викенд со пиво „Пиволенд 2012“.


На првата вечер на петтиот по ред Пиволенд, по долгогодишна пауза, настапи македонската музичка група „Ласт експедишн“, The John, Shine, групата Eye Cue со Леа, ди-џејот Башоски од интернет радиото МОФ, легендарната група од поранешните југословенски простори „Бајага и инструктори“, а пред публиката се обрати и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, којшто симболично, наздравувајќи со кригла пиво, го прогласи Фестивалот за отворен.

На отворени штандови ќе се претстават 18 пиво производители и увозници и околу 20 брендови на пиво, а граѓаните ќе ги забавуваат 30 бендови, изведувачи и диџеи. Гурманскиот викенд има за цел на граѓаните, но и на туристите да им понуди нова содржина и нов вид забава, со што ќе се збогати и разновидноста на активностите на главниот град.

На паркингот пред СРЦ „Борис Трајковски“ што ќе биде специјално опремен за овој настан, влезот ќе биде бесплатен за сите посетители, пиваџии, гурмани, фанови и журкаџии, а на двете музички сцени, во петте вечери ќе настапат околу 30-тина музички солисти, ди-џеи, артисти и бендови, меѓу кои од популарните музички имиња, пред македонската публика ќе се претстават и  Елементал и Баилдса. На листата артисти коишто ќе настапат на Пиволенд се приклучуваат и култниот Рамбо Амадеус, македонските поп рок херои Нокаут и новосадската група Драм ен зез, Литл Џо, Памперс, Севдах Бејби, С.А.Р.С, Ај Кју и уште многу други.

Журките ќе почнуваат во 18:00 часот, ќе траат до 01:00 часот, додека в петок и во сабота времето за забава ќе биде продолжено, па посетителите и љубители на овој пијалак ќе можат да дегустираат пивски брендови и да уживаат во музиката и до четири часот по полноќ. На денс арената годинава ќе преовладува македонската електронска сцена, па така пред публиката ќе настапат познати македонски ди-џеи.

 

You May Also Like