Вчеравечер, (среда, 29 август, 2012)во Хотелот Арка, во Старата скопска чаршија, во организација на Град Скопје, а под покровителство на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, се одржа коктел за учесниците на традиционалната Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2012“.
Во изминитатите десет дена во овој хотел твореа десетина уметници од земјава и странство како: Нилуфер Еркан од Турција, Маријан Новак Слуњски од Словенија, Марко Луковац од Црна Гора, Нарине Григоријан од Ерменија и а Бисера Валева од Бугарија, како и уметниците од Македонија: Трајче Јанчевски, Илија Спасовски Чендо,Горјан Ѓорѓиев, Кики Афридита и Софија Семенпеева. На присутните гости им се обрати градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Уметниците и гостите ги поздрави и директорката на Музејот на град Скопје, Љубица Кондијанова, којашто истакна дека учесниците на Колонијата се уметници од различни средини и возрасти, со што колонијата се повеќе станува сериозен поттикнувач на културните текови во Скопје.
Делата од десетте учесници на годинешнава Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2012“, што се одржуваше 10 дена во Хотелот Арка во Скопје, ќе бидат изложени за јавноста во рамки на свеченоста по повод одбележување на Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, што традиционално се одржува во нашиот град.