Започна 49-от „Војдан Чернодрински“

Вчера вечер започна 49-то издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп …

49 festival vojdan cernodrinski nagradi za zivotno delo

Со доделување на наградите за животно дело синоќа во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп почна 49. Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Годинава наградите им беа врачени на тројца актери – доајени на македонската театарска сцена – Снежана Стамевска од Драмскиот театар во Скопје и Салаетин Билал и Мустафа Јашар од Турскиот театар.

– Оваа награда е дел од вас. Поради вас, публиката, сме овде, а вие знаете тоа добро да го процените, истакна Билал заблагодарувајќи се за наградата за животно дело.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески нагласи дека е голем бројот на уметници кои со годините останале запаметени со изведбите на оваа сцена.

– Овој настан е голема потврда дека уметноста е најсигурното средство со кое човекот се издвојува во светот, но и средство со кое се сплотува меѓу себе. Затоа, имаме особена чест да го поздравиме и да го помогнеме овој фестивал кој ни го доближи театарот, таа естетска игра, тој влез во непознатото, рече Ристески.

По свеченото отворање беше изведена првата од 12-те претстави во официјалната конкуренција за награди – претставата на Битолскиот театар „Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Ѕвездана Ангеловска.

Во Центарот за култура беа отворени и две изложби. Едната на карикатури на авторот Василие Поповиќ-Цицо и ретроспективната на ликовната колонија „Де Ниро“.

извор МИА

You May Also Like