Нова книга за Миладиновци од Науме Радически

Здружението за наука, уметност и култура „Хоризонти 12“ од Мешеишта – Охридско, го објави научниот труд „Миладиновци (три аналитички ретроспекции)“ на проф. д-р Науме Радически.

Како што стои во белешката на почетокот на книгата, „Со реализацијата на оваа публикација, Здружението за наука, уметност и култура „Хоризонти 12“ од Мешеишта… им се оддолжува на своите големи претходници и визионери – браќата Миладиновци. Повод се неколкуте годишнини поврзани со нив: 200 години од раѓањето на Димитрија, 150 години од објавувањето на Зборникот и 150 години од смртта на Димитрија и Константин Миладиновци.“

Книгата содржи три тематски анализи: „Димитрија Миладинов – аниматор на македонската национално-културна преродба“, „Огледало во нашето минато и во нашата иднина (Кон 150-годишнината од објавувањето на Зборникот на Миладиновци)“ и „Пред крстот на Миладиновци или на македонската Голгота“.

Науме Радически е роден во 1953 година во Мешеишта, кај Охрид. На Филолошкиот факултет во Скопје завршил студии по историја на југословенските книжевности, а на Филозофскиот факултет студирал историја на уметноста со археологија. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на кој работи близу три децении, магистрирал (1981) и докторирал (1990), а сега е редовен професор по современи јужнословенски книжевности.
Ги објавил следните книги:
Поезија: Постоења и мотиви (1975), Светол тажен вик (1984), Контрасти (1992, наградата на Културно-просветната заедница на Македонија), Преображение човеково (2001), Астрални проекции (2008, 2012).

Критичко-есеистички и научно-истражувачки трудови: Критички интерпретации на младата македонска литература (1983), Релации и континуитет (1996), Метаморфози (1999), Време без збор (2000), Патишта и крстопати низ јужнословенските книжевности (2004, наградата на ДПМ „Димитар Митрев“), Литературна раскрсница (2006, државна награда „Гоце Делчев“), Аналитички рефлексии (2007), Литературните погледи на Димитар Митрев (2009), Пред алфа и пред делта (2011), Словенска алка (2012).

You May Also Like