Заврши турнирот во одбојка на песок

Двојките од Република Бугарија во машка и женска конкуренција, вчера вечер (сабота, 21 јули) на Градската Плажа “Парк”, го освоија третиот Меѓународен турнир во одбојка на песок „Скопје 2012“.

 

На Турнирот во машка конкуренција најдобри беа Хаџиев и Станков од Бугарија, второто место го освоија одбојкарите Ники и Хусај од Република Албанија, а трети беа нашите македонски одбојкари на песок, Карановиќ и Деспотовски. Во женска конкуренција златниот медал го освоија бугарските одбојкарки Динова и Ангелова, среброто отиде во рацете на Србинките Исаиловиќ и Чеверика, а освојувачки на третото место и бронзените медали се Шкариќ и Милошевиќ исто така од Република Србија.


Медалите на најдобрите одбојкари и одбојкарки на песок на Турнирот „Скопје 2012“, им ги доделија Зоран Карановиќ, генерален секретар на Одбојкарска федерација на Македонија, раководителот на Одделението за спорт на Град Скопје, Зоран Шишковски, секретарот на Град Скопје, Гордана Клинчарова и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Натпреварите, што се играа во рамки на Турнирот, беа реализирани на двата терена за одбојка на песок при Градска Плажа „Парк“, а скопскиот турнир годинава е рангиран во Балканска серија на турнири во одбојка на песок. Во рамки на турнирот, во изминатите три дена, беа одиграни вкупно 60 натпревари во машка и  во женска конкуренција, а на турнирот учествуваа  23 натпреварувачки  меѓународни двојки во машка и 11 одбојкарски парови во женска конкуренција.


Интернационалниот карактер на Турнирот го покажуваат земјите учеснички: Бугарија, Србија, Хрватска, Албанија,  Турција, Словенија, Грција и Црна Гора, а за богатиот награден фонд се бореа и најпознатите македонски репрезентативни и клубски одбојкари и одбојкарки.

Покровител на Меѓународниот турнир во одбојка на песок е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, технички организатор е Одбојкарската федерација на Македонија, а од Буџетот на Град Скопје, за одржување на оваа спортска манифестација се одвоени 300.000 денари.

 

You May Also Like