Денеска (понеделник, 03.09.2012 година), во Зоолошката градина – Скопје се одржа промотивен и едукативен настан, во чиишто рамки на посетителите и децата во градината, им беше претставено новоизграденото живеалиште на жирафата. Живеалиштето е донација од Градот Скопје, додека пак младиот мажјак – жирафа по име Орка, е донација од Орка Холдинг Групацијата-Фондација Илија Камчев. На настанот присуствуваа: градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и сопственикот на Орка Холдинг Групацијата, Јордан Камчев.
– Чест ми е што денеска можеме да се радуваме на две работи. Едната е првиот училишен ден, а втората е отворањето на ова ново живеалиште за жирафа , што го промовираме овде во зоолошката градина во Скопје. Овие две живеалишта, на слонот и на жирафата чинеа околу 20 милиони денари и сметам дека навистина ја збогатија понудата за посетителите во ЗОО-Скопје, но живеалиштата нема да бидат атрактивни самите по себе ако не се тука нивните жители. Токму затоа треба да му се заблагодариме на господинот Камчев и на неговата компанија за нивната несебична донација на оваа жирафа којашто мислам дека ќе биде најпосетуваното животно во овој период во Зоолошката градина, којашто е една од најдобрите во регионов, истакна градоначалникот Трајановски.
Директорката на Зоолошката градина во Скопје, Тања Стаменов, ги поздрави присутните и рече дека ова е најверојатно ова е најубавиот прв училишен ден што децата секогаш ќе го помнат, а воедно ја искористи можноста да ги покани сите посетители да дојдат на вториот роденден на жирафчето Орка, што ќе се одржи на 8 септември.
– Интересно е да се нагласи дека во градината над 40 години наназад, жирафата како вид не е застапена на понудата од ретки животни на градината и ова е посебна можност за помладите генерации во живо да се запознаат со ова карактеристично диво животно од црниот континент. Нашата компанија со донацијата на ова животно уште еднаш ја докажува корпоративна заложба за општествена одговорност, кажа Камчев.
Во рамките на забавниот дел од програмата настапија дел од Уличните музичари и артисти на Град Скопје, под раководство на Универзалната сала -Скопје, магионичари, куклар, децата учесници на Фестивалот Поточиња, како и уметниците од ликовното студио при Детски културен центар-Карпош.
Како дел од тековната едукативна програма што Зоолошката градина – Скопје на најмладите им ја нуди, во соработка со Центарот за Креативен развој и МАССУМ, беше реализирана работилницата – цртање животни, при што децата цртаа и изработија уметнички дела со ликот на жирафа. Во продолжение беше промовиран и првиот портал за децата и животните кај нас и во регионот, под името МалиАниМали.
Новите живеалишта за слонот и за жирафата се градеа во 2011-та, на површина од околу вкупно 4.000 квадратни метри, а објектите што се наоѓаат зад Едукативниот центар и се со вкупна квадратура од 400 м2. Живеалиштата за слонот и за жирафата, се од цврста градба, со комплетна инфраструктура, со подно греење и покрив со површина од 350 м2. Проектант е Ивана Костова, а средствата ги обезбеди Градот Скопје.
Влезот во Зоолошката градина Скопје цел ден е бесплатен.