Од петок (7 септември, 2012 година), во Летниковецот на плоштад Македонија започнува серијал на „Коцерти под отворено небо“ што ќе се одржуваат секој петок и сабота со почеток во 19:30 часот.
Концертите се во организација на Општина Центар во рамки на проектот „Топол културен бран 2012 година“, што се спроведува на локално ниво во соработка со Министерството за култура.
Бисерите на класичната музика на современ и софистициран начин, изведени од еминентни македонски уметници ќе бидат претставени пред пошироката јавност. Звуците на безвременската музика впечатливо и инспиративно ќе допрат во душата на сите присутни граѓани на различен начин.
Концертите под отворено небо се микс од најубавите ремек дела на различни композиции од популарни композитори и претставуваат чиста убавина за сите сетила за оние кои ќе ги проследат.
Станува збор за транскрипции на класична и популарна музика, преработена во модерен аранжман и со сите анимациски карактеристики треба да биде доживеана како атракција која долго време ќе се памети.
Со овој проект Општина Центар има тенденција, класичната и популарната музика да не се доживуваат само како музика за одредена популација, туку музичките вредности на класичниот жанр да се афирмираат и да бидат достапни кај целокупното население. Со модерната обработка на класичната музика, всушност целта е таа да се приближи до слушателите, како и да се изгради однос на почитување кон тој вид на музика.
Општина Центар најмногу апелира до родителите да ги донесат своите деца на овие настани, за да можат да се запознаат со класичната музика.
На „Концертите под отворено небо“ ќе настапат:
07.09.2012 (петок)
Air Strings
08.09.2012 (сабота)
Пламенка Трајковска-Квартет
15.09.2012 (сабота)
Air Strings
21.09.2012 (петок)
Four Strings
22.09.2012 (сабота)
Танго Трио
28.09.2012 (петок)
Arte String Quartet
29.09.2012 (сабота)
Ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“