Министерката за култура Канческа-Милевска денеска (четврток, 17 јануари 2013 година) во манастирот „Свети Јован“ во Ржановце (Кумановско), ја отвори етнолошката изложба која е резултат на 40-годишниот ангажман на Злате Давитковски, кој внимателно ги собирал и селектирал автентичните примероци кои ја отсликуваат македонската традиција и обичаите. Поставката е само мал дел од збирката на 2100 вредни етнолошки предмети кои датираат од крајот на 19-тиот век, до денес.
Според министерката, народните носии од сите краишта на Македонија и од регионот, традиционалните керамички, порцелански и стаклени садови и предмети, музичките инструменти и многу други предмети се вредни експонати од нашето културно наследство.
„Овие примероци најсликовито ни ја раскажуваат етничката и културната историја на Македонија, но, истовремено, тие се и доказ за врвната умешност на македонскиот занаетчија кој секогаш, спојувајќи ги практичноста и естетиката, создавал уметничко дело“, истакна Канческа-Милевска.
Со сите свои вредности и бројноста на етнолошките предмети, како и според оценката на етнолозите, етнографската збирка на Давитковски е една од најголемите приватни збирки на народни носии и други изработки од текстил во нашата земја. Презентацијата на оваа етнолошка поставка е во духот на заложбите на Министерството за култура за зачувување и негување на македонските вредности и нивна репрезентативна промоција пред македонската и пошироката јавност.
„Верувам дека оваа нова поставка ќе биде провокација за сите посетители на ова место, кои и досега со голем интерес го посетуваа село Ржановце за да се запознаат со вредното богатство што го поседува Давитковски“, додаде Канческа-Милевска.