Образложение на Емил Алексиев, селектор на 15-тиот Зимски салон на ДЛУМ, за Големата награда.
Ова се општите критериуми според кои беше извршена селекција на делата што пристигнаа на Зимскиот салон на ДЛУМ:
1. Делото на уметникот треба да биде завршено.
Завршеноста на делото подразбира прифатливо рамниште на техничка изведба и реализација на идејата. Тоа, за жал, е проблем кај нас. Повеќето уметници денес веќе немаат ниту воља, ниту средства да ги завршат до крај своите дела. Оттаму и повеќето дела што пристигнаа не се довршени како дела и како обиди да се создаде уметничко дело не би можеле да бидат изложени во пристојна галерија никаде во светот.
2. Делото треба да биде уметничко дело.
Не е секое дело уметничко дело. Оваа релативизација е гибелна за уметноста. Ниту секое дело е уметничко дело, ниту секој може да биде уметник. Кое дело е уметничко дело одредува кураторот на изложбата или селекторот. Во уметноста нема демократија и одлуките за тоа што е уметничко дело, да не спомнуваме кое пак уметничко дело е вредно дело, не се донесуваат со јавен „консензус“. Тоа не е работа на опскурни државни „комисии“, ниту пак тоа можат да го прават самите уметници. Во спротивно, нема критериуми. А ако нема критериуми тогаш ние нема за што да разговараме.
3. Делото треба да има одредена вредност.
Уметничките дела, вклучувајќи ги и делата во обид, имаат специфична уметничка вредност. Вредноста на едно дело ја одредува кураторот или селекторот, а не самиот уметник.
4. Делото мора да реферира на дадена тема.
Делата кои што се изложени на тематска изложба каква што е Зимскиот салон треба да имаат директна врска со дадената тема. Во нашиов случај темата е „Тело што помни“. Оттами се и дадени референци и прецизни упатства за работа на оваа тема до сите членови на ДЛУМ, а е организирана и работилница.
Имајќи ги предвид овие општи критериуми само мал дел од изложените дела можеа и требаа да бидат изложени јавно на овој Зимски салон на ДЛУМ. Се определив за широк зафат изложувајќи и дела што не се за излагање само за да се покаже јавно реалниот капацитет на ДЛУМ и неговата способност да одговори на дадена тема што е актуелна и атрактивна, особено затоа што на уметниците во овој случај не им недостигаше поттик.
Колку дела ќе бидат вклучени во изложбата зависи од повеќе чинители, а не само од вредноста на делото. Селекторите што велат дека не направиле компромис јавно лажат, а тие што велат дека не би направиле компромис не биле селектори. Јавното изложување на делата зависи од условите (технички и просторни), општествените околности (уметноста не е нешто надвор од светот) и целите поради кои изложбата се поставува, како и од низа ограничувачки фактори (број на дела кои е дозволиво да се изложат во даден простор, димензии на делата, квалитет или можност за избор од расположивите дела итн.)
Меѓу изложените дела, имајќи ја на ум темата, се издвојуваат делата на Дијана Богдановска, Стефан Хаџи-Николов, Жарко Башески, Жаклина Глигориева, Петра Јовановска, Шќипе Мехмети, Ана Ивановска, Микица Трујкановиќ и Димче Димовски.
Меѓу овие дела се определив за делото „Венера“ на Жарко Башески, пред се, поради тоа што ова дело е силна симболична претстава на онаа состојба на духот што денес кај нас е доминантна, која што колективно не враќа во некои мрачни времиња на интелектуална и физичка ретардираност, во времето на диктатурата на еден антикултурен јавен дискурс, состојба на хендикепираност, на заостанатост во развитокот, болест на духот што го дегенерира нашето национално тело и која што мора јавно да се дијагностицира, мора јавно да стане видлива за да можеме да и се спротивставиме и да ја надминеме. Ова впечатливо дело на Башески ми даде таква можност. Имено, ова дело ја разоткрива онаа, денес така карактеристична за нас, грандоманија, оној гротескен раблеовски пантагруелизам или пантагруевизам, онаа провинциска претенциозност на игноранти и на аналфабети кои, без покритие, така патетично се убедени во својата величина, несвесни за сопствените недостатоци и сопствената ограниченост.
Делото на Башески е моќна метафора на нашиот денешен менталитет, на нашата очајна одбрана на лажната слика што ја имаме за себе, на нашето настојување сопствената ограниченост да ја наметнеме како мерка за целиот свет, на комплексот на повисока вредност што така понижувачки се манифестира јавно преку политичката грандоманија, барокизација и антиквизација, а е само невешто прикриен национален комплекс на пониска вредност.
Размената на погледите, изместената и заменета перцепција со тој гигантски кепец на Башески кој арогантно не гледа од височина како ние да сме кепеци и неизбежната идентификација со неговиот наметнат поглед, нужно предизвикува замена на позициите. Сега можеме себе да се видиме со очите на кепецот како кепеци. Тој поглед нè разоткрива.
Ова дело на непосреден начин нè соочува со нас самите. Го прави видлив нашиот лажно доминантен поглед на нештата од нашата лажно доминантна позиција и ја разоткрива, ја разголува сета наша хипокризија.
Гигантскиот кепец станува наша слика во која, го сакале ние тоа или не, себе се препознаваме како кепеци. Пред гледачот е подметнато огледало што ја кажува вистината.
Сметајќи однапред на контроверзите што може да ги предизвика оваа одлука (имајќи предвид дека никој кај нас не го гледа уметничкото дело, туку потписот под делото) и на можниот негативен однос на дел од јавноста кон ова контроверзно уметничко остварување што може да стане ултимативен симбол на нашево денешно време, дело што од сите бара напуштање на сопствените вкопани позиции, ја доделив оваа награда на Жарко Башески верувајќи дека ќе предизвика јавно внимание и ќе поттикне одново на размислување за улогата на уметноста во нашето општество и на преиспитување на закоравените и така жално ниски и несигурни уметнички, општествени, но и лични критериуми.
Емил Алексиев
Селектор на Зимскиот салон на ДЛУМ