Од денеска (четврток, 27 февруари) на репертоарот на Синеплекс се наоѓаат три нови наслови:
Акциониот филм „Единствен преживеан“ во режија на Питер Берг не носи во средиштето на борбите, Авганистан. Базиран на бестселер од „Њујорк Тајмс“, според вистинита приказна за храброст, смелост и борба за опстанок, „Единствен преживеан“ ја раскажува неверојатната приказна за четири припадници на морнаричките специјалци што имаат тајна мисија да „неутрализираат“ највисоки оперативци на Ал Каеда. Соочени со незамисливи морални одлуки, оваа мала група е изолирана од каква и да е помош и опкружена од многу посилни талибански сили подготвени за војна.
Од четврток публиката ќе може да ужива во возбудливата одисеја која се одвива во најголемата прашума на светот „Амазонија 3D“. Остварувањето на Тиери Рагобер (Thierry Ragobert) е најголемиот филм кој воопшто е снимен во Амазон со буџет од 10 милиони долари и екипа од околу 180 професионалци од целиот свет кои работеле на него. Филмот „Амазонија 3D“ е сниман во бразилско-француска продукција. Биле потребни дури 7 години за познатиот француски режисер Тиери Рагобер да дојде до финалната верзија.
За најмладите пристига уште една авантура. Овој пат станува збор за една поинаква мисија, мисија на мисирките поборници кои сакаат да го променат Денот на благодарноста. Од Релативити Медија и Real FX студио за анимација произлегува анимирана комедија, авантура за сите возрасти – „Слободни птици“. Ова е приказна за две тотално различни мисири кои мора да ги заборават своите несогласувања и да патуваат во минатото за да го сменат текот на историјата така да мисирките никогаш нема да бидат главно јадење за Денот на Благодарноста.