Канческа-Милевска со билатерална средба со естонскиот колега

Mинистерот за култура Елизабета Канческа-Милевска, денеска (5 јуни 2012 година), во просториите на Министерството оствари билатерална средба со министерот за култура на Естонија, Реин Ланг. На средбата се разговараше за досегашната, но и идна соработка во областа на културата меѓу Македонија и Естонија.


Канческа-Милевска го изрази своето задоволство од беспрекорната организација на минатогодишната манифестација „Талин, европска престолнина на културата за 2011 година“, преку која се овозможи афирмирање на македонската култура и презентирање на дел од нашите културни вредности. Министерот Ланг, заблагодарувајќи се за поканата за посета, ја потенцираше силната поддршка која Естонија и ја дава на  Македонија на полето на евро-атланските интеграции.

Двајцата министри на средбата се договорија во наредниот период да има поголема соработка меѓу институциите во двете земји, во областа на музичко-сценската дејност со размена на музички ансамбли и уметници, како и да се отвори можноста за меѓуинституционална соработка меѓу музеите за современа уметност и националните галерии на двете земји, преку организирање на изложби и ликовни колонии.

На средбата стана збор и за Стратегијата за развој на креативните индустрии која Владата на Република Македонија ја усвои во 2008 година. Министерката за култура Канческа-Милевска го потенцираше потенцијалот кој го поседува Република Естонија во насока на културниот развој, кој претставува важна алка помеѓу границата на традиционализмот и модерноста и е модел кој Република Македонија и останатите земји успешно го практикуваат.

Естонскиот министер за култура ја подвлече важноста накреативните индустрии и додаде дека тие се најбрзо растечката идустрија во оваа земја и на нив отпаѓа три проценти од бруто домашниот производ. Естонскиот министер најави и експертска помош како и учество на експерти од областа на креативните индустрии на Форумот за креативни индустрии кој во партнерство меѓу Британскиот Совет и Министерството за култура, ќе се одржи на 20 јуни годинава во Скопје.

Ова е втора билатерална средба меѓу Канческа-Милевска и Ланг. Првата средба беше одржана минатата година за време на одржувањето на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Талин – Европската престолнина на културата за 2011 година.

You May Also Like