Народниот театар – Битола вечерва ќе ја изведе втората годинашна премиера, претставата „Без паника“ работена според текстот на финскиот автор Мика Мулуахо, а во режија на Благој Мицевски.

Во комедијата „Без паника“ на сцената на Битолскиот театар ќе настапат актерите Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски и Александар Копања.
– Кога текстот првпат го прочитавме воочивме како на луѓето во Финска им е тешко да разговараат, но разговараат низ својата смиреност и тоа е поразлично отколку кај нас. Во комедијата настапуваме три лица кои пред публиката говорат една приказна исполнета со хиперреализам и со документарен пристап, истакна актерот Никола Пројчевски во пресрет на вечерашната премиера на „Без паника“ во Битола.
Според актерот Александар Копања. најновиот театарски проект на битолскиот театар ќе овозможи вистинска комуникација со публиката, додека за актерот Маријан Ѓоргиевски претставата „Без паника“ претставува големо освежување и нов начин на презентацијата на комедијата низ еден безвременски текст разбирлив на сите јазици и во секоја држава.
Во претставата „Без паника“ користена е музика од повеќе изведувачи, преводот го направи Оливера Павловиќ, драматург е Билјана Крајчевска, сценограф Драган Анѓелковиќ, а кореограф Валентино Апостоловски.